Амбасадорот на ОБСЕ го посети ЗНМ

%d0%b7%d0%bd%d0%bc-%d0%b8-%d0%be%d0%b1%d1%81%d0%b5
AJM

СКОПЈЕ, 25.10.2018 – Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која денеска го посети Здружението на новинарите на Македонија. На средбата претседателот на ЗНМ, Насер Селмани го информираше амбасадорот Која со состојбата на слободата на медиумите.

Претседателот Селмани објасни дека иако новата влада демострира политичка волја да се стави крај на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите, сепак резултатите на терен се симболични бидејќи оваа негативна практика има длабоки корени во македонските институции.

Тој изрази загриженост што Скопскиот граѓански суд ги одбива тужбите за клевета против онлајн медиумите со чудно објаснување, а обвинителството подолго време го толерира говорот на омраза  во јавниот дискурс.

Според него, позитивно е што Владата ги усогласила измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, но дека парламентарното мнозинство мора да најде решение за усвојување на законот во Собрание.

Претседателот на ЗНМ ја пофали подготвеноста на Владата да ги поддржи печатените медиуми, меѓутоа предупреди дека процесот мора да биде мониториран со цел процесот да биде транспарентен и сеопфатен.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски побара од ОБСЕ да се вклучи во процесот на ревизија на спорните амандмани на Изборниот законик, донесени во текот на летото, кои директно влијаат на работата на медиумите.

Двете страни ја поздравија досегашната соработка и изразија подготвеност да соработуваат уште поинтензивно во иднина за подобрување на состојбата со слободата на медиумите.


AJM, Skopje, 25/10/2018