Да се казнат сторителите на нападите врз новинарите во БиХ и во Србија!



САРАЕВО, БЕЛГРАД 31.03.2019 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која застапува повеќе од 8.000 членови, остро ги осудува бруталниот напад врз Ади Кебо, фотограф на порталот Журнал од Босна и Херцеговина и заканите против Драган Јањиќ, главен и одговорен уредник на Агенцијата Бета од Србија.

Додека бил на задача, фотографот Ади Кебо бил нападнат од Хусо Чесир, висок функционер на партијата СДА од Сараево, кој притоа му нанел лесни телесни повреди на новинарот и ја уништил неговата опрема. Во исто време, Давор Јањиќ, главен и одговорен уредник на Агенцијата Бета, доби заканувачка СМС порака во која се вели: “Ако во саботата има хаос, канцеларијата на Бета ќе биде запалена. Тоа нема да биде како во РТС, каде на демократски начин беше изразено незадоволство”. Српската полиција објави дека лицето кое му се заканувало на Јањиќ е притворено на 23 март 2019 година.

Порталот Журнал и Агенцијата Бета се препознаваат во јавниот простор на Западен Балкан како независни медиуми кои обезбедуваат критичко покривање на прашања од значење за јавноста, разгледуваат потенцијални случаи на корупција, политички непотизам и други форми на незаконско делување на јавните службеници, како и граѓански протести.

„Да повториме дека насилното однесување и заканувачките пораки претставуваат неприфатлив напад врз слободата на изразувањето и безбедноста на новинарите и оваа брутална форма на заплашување има за цел да ги спречи новинарите да пишуваат за криминалот, политичката корупција или незадоволството на граѓаните на критичен и објективен начин и во интерес на граѓаните”, рече Борка Рудиќ, генерален секретар на Здружението на новинари на БХ, решително повикувајќи ги надлежните органи за спроведување на законот итно да ги испитаат овие предмети и да преземат соодветни законски мерки против лица кои стојат зад нив. “Ја поздравуваме брзата реакција на српската полиција и очекуваме надлежните органи во двете земји итно и целосно да ги испитаат овие случаи и на тој начин да испратат порака дека насилството врз новинарите во земјите од Западен Балкан мора да престане! Државните институции мора да преземат мерки за санкционирање на сторителите на овие напади како нивни сопствени законски обврски и да служат како пример за одговорно однесување во случај на кршење на слободата на медиумите”, истакна Рудиќ.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите досега регистрираше два физички напади и 12 закани врз новинарите од почетокот на 2019 година. Истакнуваме дека нападите и заканите против новинарите се директна повреда на правата на граѓаните за слободно информирање, примање и дистрибуција на информации, што го доведува во прашање функционирањето на земјите од Западен Балкан во согласност со принципот на владеење на правото и целосно почитување на човековите права и слободи.

Регионалната платформа ќе ги информира сите европски институции за овие два инциденти и ќе побара нивна интервенција во областа на заштитата на медиумските слободи и безбедноста на новинарите во целиот регион.

 

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб

BH Journalists Association

Trade Union of Media of Montenegro

Croatian Journalists’ Association

Association of Journalists of Kosovo

Association of Journalists of Macedonia

Independent Journalists Association of Serbia


, , 01/04/2019