ЕУ инсистира на ефикасна и темелна истрага за убиството на бугарската новинарка

marinova
index.hr

СКОПЈЕ, 09.10.2018 – Нема демократија без слободни медиуми, порачува денеска Европската комисија, која побара брза и темелна истрага за бруталното убиство на бугарската новинарка, Викторија Маринова која беше уредник во локалната телевизиска станица ТВН, а  известуваше за истрагата за наводна корупција поврзана со фондовите на Европска унија.

Последната емитувана приказна на која работеше Маринова со група бугарски новинари, беше за компаниите кои се вмешани во инфраструктурни проекти кои ги финансиралаУнијата , а со кои управувале локалните власти.

„Повторно еден храбар новинар настрада во борбата за вистината и против корупцијата. Внимателно ќе ја следам истрагата и ја нудам помошта од агенциите на ЕУ.“ – изјави  Франс Тимерманс – потпретседател на Европската Комисија.

Европската и Меѓународната федерација на новинари исто така побараа од бугарските власти во најбрз можен рок да ги идентификуваат и казнат одговорните и побараа општа европска мобилизација на земјите членки на ЕУ за заштита на новинарите.

„Уште еднаш новинар кој покрива корупција беше грозоморно убиен. Истражувачкото новинарство во Европа се повеќе е во опасност. Време е за акција од страна на државите.“ – изјави Антони Беланже – генерален секретар на Меѓународната федерација на новинари.

Според досегашната истрага, безживотното тело на Маринова е пронајдено  вчера во парк во градот Русе, во близина на Дунав. Смртта е предизвикана од удари во главата и од гушење, а  бугарскиот министер за внатрешни работи, Младен Маринов, потврди дека жртвата, била и силувана.

Колегите новинари на Маринова се згрозени од бруталното убиствоо.  Велат дека ова е егзекуција и предупредување за останатите кои работат истражувачко новинарство.

„Апсолутно е неоправдано секакво посегнување по новинари каде и да е во светот, а уште повеќе во земја членка на ЕУ. Тоа е причина да се добие меѓународна порака дека треба да се говори за овие работи, треба новинарите во секоја една точка од светот да бидат заштитени како од општеството така и од државата и законите, бидејќи на крајот тие се борат за вистината. Тоа не е едноставна работа туку признание. И навистина е уште поважно во време на несредена медиумска средина каква што во моментот има, од лажни информации и манипулации итн. Многу е важно да се обелодени целата вистина по однос на случајот и да се разјаснат причините за убиството, кој го направил. Тоа е важно да се случи брзо и да биде откриена целата вистина. – изјави Лачезар Валев-новинар во Бугарското национално радио.

Маринова ја водеше емисијата „Детектор. Во последното издание емитувано на 30 септември, Маринова разговарала со нејзините колеги, Бугаринот Димитар Стојанов и Романецот Атила Биро, во врска со поврзаноста на политичарите и бизнисмените со злоупотребата на ЕУ-фондовите. Стојанов и Биро потоа накратко биле задржани од страна на полицијата.

Убиството на Маринова се случува по убиството на Јан Куциак во Словачка во февруари годинава и на Дафне Галиција во Малта пред една година. И овие двајца новинари истражуваа корупција во владите и злоупотреби од различни компании и групи.


www.24.mk, Skopje, 09/10/2018