Измени на Кривичниот законик за поголема заштита на новинарите и медиумските работници

kz
AJM

СКОПЈЕ, 19.10.2018 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија учествуваа на работната група за измени и дополнувања на Кривичниот законик, каде беа разгледани препораките на ЗНМ за измена на Кривичниот законик во делот на заштита на новинарите и медиумските работници при вршење на нивната професионална должност.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски побара воведување на нови кривични дела во Кривичниот законик како што се „Спречување на новинарите во извршувањето на професионалните задачи“ и „Напад врз новинарите во извршувањето на професионалните обврски“ односно дополнување на постојните членови во законот кои се однесуваат на закани и физички напад вклучувајќи и убиство.

Со овие предлог измени, секое лице кое ќе се закани или ќе нападне новинар, медиумски работник или нивно блиско лице поради извршување на професионални новинарски задачи ќе добие поголема казна од страна на судот. Освен ова, за дел од овие повреди на права во иднина обвинителството ќе презема мерки по службена должност наместо праксата на приватни тужби од страна на новинарите како што е тоа во моментов. Целта на овие измени на Кривичниот законик е да се воспостави поефикасен систем на заштита на новинарите, а во исто време да се одвратат потенцијалните напаѓачи во иднина.

Со предложените измени новинарските екипи ќе добијат зголемена заштита во извршувањето на професионалните обврски, нешто слично како и службените лица. Таквата заштита ќе биде во согласност со меѓународните и европските стандарди и практика на Европскиот суд за човекови права, а во нашиот локален контекст ваквата заштита е повеќе од потребна.

Работната група за измени на Кривичниот законик е во рамки на Министерството за правда и е предводена од академик Владо Камбовски. Во идниот период се очекува да има дополнителни средби на кои ќе усогласат измените и дополнувањата на овој закон.


AJM, Skopje, 19/10/2018