Осуда за инцидентот со фоторепортерите во Клубот на пратеници

AJM

СКОПЈЕ, 19.07.2018 – Здружението на новинарите на Македонија го осудува вчерашниот инцидент во Клубот на пратеници кога полицијата спречи фоторепортери да го сликаат моментот на пристигнувањето на претставниците на партиите на лидерската средба поради безбедносни причини, а раководителот на владината служба за односи со јавност Марјан Забрчанец, упатил непримерни коментари кон медиумските работници зошто реагирале на ограничувањата.

Предупредуваме дека овие инциденти претставуваат директен напад врз слободата на медиумите и обид да се криминализира работата на медиумските работници, кои пред јавноста треба да се претставуваат како опасни луѓе. Дополнително, ваквите непотребни инциденти сериозно ја компромитираат и заложбата на новата власт за транспарентно и отчетно владеење и ни ги враќаат сенките од минатото.

Потенцираме дека ако имало безбедносни причини за воведување на нова практика на следење на јавни настани тогаш полицијата навремено требало да ги извести фоторепортерите и снимателите за тоа и да обезбеди алтернативен начин на покривање на настаните со ваков безбедносен ризик без да се предизвика забуна и нервоза.

Укажуваме дека обврска и на Владата е да обезбеди пристап на медиумските работници до сите настани од јавен интерес и да осигура услови за непречена работа без притисоци или закани. Секое поинакво однесување нема да ја подобри состојбата со слободата на говорот и ќе ја задржи Македонија на дното на светските листи за овие слободи.


AJM, Skopje, 19/07/2018