Порталите ги проголтаа работничките права на новинарите

%d0%bd%d0%be%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b2
novatv.mk

СКОПЈЕ, 11.04.2018 – Ерата на интернетот особено во Македонија се претвори во меч со две острици- најпрво, стана ера на демократизирање на медиумската сцена, особено во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога голем дел од новинарите отворија сопствени портали, најчесто основани преку невладини организации, откако комерцијалните традиционални медиуми беа или затворени (А1 ТВ, дневните весници Шпиц, Време, Коха Ре, потоа весниците од МПМ) или преструктурирани во нов сопственички бран, кој тесно се врза со владејачката партија (Алфа, МПМ, Канал 5, Сител).

Но, во исто време, окупацијата на интернетот на јавната сфера е поврзана со дивеење на интернет порталите во неколку сегменти: дел од нив станаа пропагандни пера на ВМРО-ДПМНЕ, фабрикувајќи, манипулирајќи и објавувајќи лажни вести, или пак нудејќи искривена реалност не само кон СДСМ, како политички опоненти на партијата на Груевски, туку и кон целокупната опозициска, критички настроена медиумска сцена, невладини организации, интелигенцијата.

Најексплоатираниот наратив на пропагандните војници вработени во порталите се однесуваше на целосна сатанизација на критичката интелектуална елита: беа обвинувани за платеништво од странски служби, предавнички, платенички соросоди, а доколку некои од новинарите кои беа клеветени на овој начин се обидоа да поведат судска постапка, завршницата секогаш беше на страна на посилната страна- на медиумско-партиско-судската алијанса, која подоцна и се разголи целосно, преку објавените прислушувани разговори од страна на опозицијата, иако оваа  вмреженост на медиумските, судските и владејачките структури на ВМРО-ДПМНЕ не е докажана де јуре, со оглед на фактот што истражните постапки и судските процеси се уште немаат завршница.

Целокупната операција на новите медиуми во освојување, задржување, негување на власта на ВМРО-ДПМНЕ е поддржана од социјалните медиуми- особено Фејсбук, а во помал размер Твитер, согласно огромната популарност во Македонија :“ постојат над 1.000.000 профили на Фејсбук (1.004.680 луѓе според Фејсбук), но најверојатно, ако се тргнат лажните, двојните и комерцијалните профили, има некаде околу половина милион поединечни корисници. 69,4% од домаќинствата имале пристап до интернет од дома. Широкопојасен пристап до интернет (преку фиксна или мобилна конекција) имале 93,5% од деловните субјекти со десет или повеќе вработени. Половина од деловните субјекти користеле социјални медиуми и имале веб-страница”. (истражување на МИМ, 2015: Македонија во дигиталната ера – меѓу правата и одговорностите при комуницирањето на интернет).

Ова истражување заклучува дека “постои општа јавна заблуда, за жал, често правена од страна на дел од медиумите, институциите и јавните актери, дека интернет-медиумите и комуникација се „исклучени од сите закони и одговорност“, на што се повикува на “многу општи закони во државата се однесуваат на комуникацијата преку интернет во многу аспекти – човековите права, слободата на изразување, криминалот, комерцијалното однесување – купување и продавање добра и услуги, авторски права, приватност итн.”

Но, проблематичноста на ова тврдење може да се согледа согласно непостоењето на обврска на новите медиуми да бидат транспарентни во сопственичкиот потпис- неретко, импресумите на огромен дел од овие портали се празен простор, кој не дава можност за законска одговорност на луѓето кои работат во нив, а за кои постојат сомнежи и дека воопшто припаѓаат на новинарската заедница, но и голем дел од новинарските текстови се непотпишани, а најчесто овој проблем може да се објасни со непостоечки авторски текстови на овие медиуми, чии новинари со препишување на туѓи новинарски трудови ги полнат интернет страниците и добиваат значителна публика.

Некои од порталите пак, беа длабоко навлезени во сомнителни финансиски зделки со владејачката ВМРО-ДМПНЕ (http://novatv.mk/gazdite-na-netpres-zagubeni-na-relacija-sad-kipar-republika-na-karibi/), додека пак други креирајќи лажни вести забрзано работеа на дискредитирање и уништување на лидерот на опозициската СДСМ, политичкиот опонент на ВМРО-ДПМНЕ (http://novatv.mk/video-funktsioneri-od-vmro-kreiraat-lazhni-vesti-za-otsrnuvane-na-zaev/http://novatv.mk/valkani-igri-propagandata-na-tramp-inspiratsija-za-vmro-dpmne/,http://novatv.mk/kontrolna-soba-mediumskata-vojska-na-propagandata/)

Подобро се платени трафикантите од новинарите

Руинираната медиумска сцена во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ повлече последично и раситнување на медиумите, како и деградација на новинарскиот труд: голем дел од овие портали работат со мали редакции, некои и до двајца новинари кои работат од дома, а кои добиваат понижувачки хонорари- од 100- 200 евра, а во поголемиот дел од овие портали, највиоските хонорари се до 35о евра.  Голем дел од овие редакции се одржуваат со помош на copy-paste новинарство и оттаму ја црпат и големата популарност и високите рејтинзи на Google analytics, кои се појдовна точка за приоритет на маркетинг агенциите во рекламниот простор.

Работничките права еднакво се прегазувани, но мобингот е тупаницата која најмногу ги боли новинарите, а за ужасниот однос говори една новинарка која бараше анонимност:

“Не се почитуваат работничките права. Новинарската професија е деградирана. Уредникот  порано ни викаше дека мајмун или неговото куче може да ја работи нашата работа. Неговата плата беше 50.000 денари, нашиот хонорар 6.000 денари”.

Само мал дел од порталите имаат професионален пристап кон новинарите: работничките права се целосно почитувани, достоинствени плати, регулиран стаж и останати законски гарантирани работни трошоци, додека работните услови се полу-професионални, согласно практиката на голем дел од овие портали да работат во изнајмени станови.

“Според синдикалните и професионалните здруженија, работничките права во интернет- медиумите се на најниско ниво во медиумската индустрија. Во однос на синдикалното организирање во интернет-медиумите, и тука работите одат многу тешко, потешко е споредбено со мејнстрим-медиумите, велат синдикалците.

Кај интернет-медиумите влијае и специфичноста на професијата, бидејќи тоа не се класични редакции, и има дел од редакциите каде што луѓето најчесто не одат физички на работа, најчесто се со авторски договори, при што тие се прекарни работници. Немаат никаква сигурност и не можат да се борат за правата на своето работно место, бидејќи добар дел од нив реално и немаат работно место, туку имаат повремени ангажмани, коишто, како што информираат од Синдикатот, знаат да прекинат и со СМС-пораки” (изјава на Чаусидис).

Мери Јордановска

Најгорливиот проблем на новинарите кои работат во порталите е финансискиот- Мери Јордановска (БИРН, Призма), една од ретките новинари која одби да говори анонимно, вели дека “платите на новинарите се под секое човечко достоинство, а во последниве години поисплатливо е да новинарот да продава весници во трафика, отколку да го работи она за што го бива и за што учел” (Јордановска говори за искуствата на некои нејзини колеги, не и за сопственото, велејќи дека таа е прилично задоволна не само од платата, туку и од условите каде што работи).

Кристина Озимец

Новинарката во Макфакс и Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, Кристина Озимец, која исто така побара да биде потпишана во ова интервју, освен што го потцртува проблемот со недостоинствените, ниските плати, алармира и за злоупотребите со кои се соочуваат новинарите со нерегулираниот стаж:

“Голем проблем е тоа што многу од нас немаме доволно пријавен стаж затоа што никој не сакаше да не пријави со години. Сега проверував дека од осум години работа имам само една година и седум месеци стаж. 5 или 6 години од тие, или немав никакво здравствено осигурување, или сама си го плаќав. Сега конечно повторно имам редовно вработување со платено пензиско и здравствено осигурување. Кога сме се жалеле околу овие работи едноставно ни кажувале – нема пари, ако сакаш ќе те пријавиме од овој хонорар што го земаш. Што секако би значело преполовување на хонорарот. Тоа е класична манипулација со Законот за работни односи, сопственикот на медиумот или организацијата треба да ми ги плати придонесите а не јас сама од мојот хонорар да си ги плаќам придонесите за здравствено и пензиско осигурување”.

Млада новинарка, која околу шест години работела во неколку влијателни портали но и печатени и електронски медиуми, го пренесува експлоататорскиот однос на сопствениците на порталите, кои инаку се и почитувани долгогодишни новинари:

“Прво работев четири години во еден портал и паралелно пишував за друг медиум, вкупно хонорарот кој го добивав изнесуваше 21.000 денари, но не бев пријавена ни ден. Четири години како да ми отидоа во вода. Потоа во друг портал, за 15.000 денари хонорар. По една година отидов во една влијателна телевизија, 15.000 денари плата со придонеси, но работодавците не ни даваа К-15, никој не протестираше, а ми должат и за 2016 и за 2017 година, а го изигруваа Законот со тоа што придонесите ни ги пријавуваа на минимална плата. Бевме пријавени на 10.000 денари, а останатите 5.000 денари од платата секој месец ни ги пресметуваа како награда, за што не се плаќаат придонеси. Сега работам во еден весник, за плата 18.000 денари со платено здравствено и пензиско осигурување.

Условите се катастрофални, затоа што трудот не се цени, а се работи многу. Од кога сум во новинарство не сум добила надомест за дополнителна работа, после работно време, за време на викенди и за празници. На сајт ако си се дежура по цели денови. Тоа се околу 18 часа цело време на компјутер. Не се почитуваат работничките права толку што ни самите не си ги знаме. Се чувствуваме експлоатирано.”.

Но, оваа новинарка никогаш не се жалела во Синдикатот, туку директно кај уредникот на порталот, дури и пред нејзините колеги, кои молчеле и за нејзините поплаки, но и за своите права, кои еднакво биле прегазени:

“Се жалев во тој портал кај уредникот откако сакаше да ни го зголеми работното време. Бидејќи работевме и во друг медиум, почнувавме со работа во 8.30, па во 10.00 часот продолжувавме на сајтот. Откако ќе ги сработевме авторските текстови, моравме да продолжиме да преработуваме текстови за сајтот.

Работата ни завршуваше во 4.30, а уредникот бараше да остануваме на работа до 17.00 часот, затоа што така би се пополнило работното време на законските осум саати. Ние немавме ни пауза на работа, уредникот им префрлаше на колегите кога ќе излезеа на цигара. Се побунив затоа што работевме и преку викенди и прекувремено понекогаш. Освен тоа два дена во неделата, освен овие саати, мораше да се работи и по три часа навечер. На колегиум јас ги изложував овие причини, додека останатите колеги молчеа. Моето реагирање резултираше со отказ. Одбив да работам половина час повеќе секој ден и си заминав самоиницијативно од таму. Во еден друг портал (исто така влијателен) барав здравствено и пензиско осигурување, тоа не ми беше одобрено и си заминав.”.

Како да се регулираат Порталите

Голем дел од интервјуираните новинари имаат слични предлози за регулирање на работничките права на новинарите но и на медиумската сцена во тој контекст.  Новинар кој сега работи во влијателен портал (претходно во весник на МПМ) ги издвојува најважните сегменти за регулација:

-Синдикатот треба да разговара со владата за склучување на Колективен договор за медиумските работници, а како урнек може да се користи тој што веќе го има МТВ

– Да се дефинира минималната плата

-Договори за главните уредници со заштитни клаузули од откази поради објавените текстови, да се спречи политичко влијание врз медиумот, со клаузула за отштета за неправеден отказ

-Договор со сопствениците на медиумите и Владата за склучување на Колективен договор за работничките права

-исполнување на минимум критериуми за работење во медиум

-Медиумите да потпишат Документ дека нема да шират говор на омраза, лажни вести

-Да се потпише Кодекс за етички, професионални стандарди

– Порталите да не се регулираат со закон, но да имаат обврска да објават импресум, адреса сопственик  но не да се регулираат

Првата фотографија е преземена од Google

Следната недела ќе читате: МРТВ остана пропагандно оружје на ВМРО-ДПМНЕ и со новата власт

Оваа статија e објавена во рамките на регионалниот проект “Невидливото насилство: списанија весници”, поддржан од ЕУ, и дел од програмата “Заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување”, имплементирана од Хрватското здружение на новинари, како дел од “Регионалната платформа за медиуми за слобода и безбедност на медиумите” новинари на Западен Балкан “. Проектот се реализираше преку партнерство на шест регионални новинарски здруженија: Независната асоцијација на новинари на Србија, Здружението на новинари на БиХ, Хрватското здружение на новинари, Косовското здружение на новинари, Здружението на новинари на Македонија и Сојузот на медиуми на Црна Гора.


novatv.mk, Skopje, 11/04/2018