Правично и фер судење во жалбената постапка за колегата Мартиновиќ



ПОДГОРИЦА, 18.01.2019 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8.000 членови, бара од Апелациониот суд на Црна Гора одново да ја разгледа првостепената пресуда на Вишиот суд, со која пред два дена во Подгорица, истражувачкиот новинар Јово Мартиновиќ е прогласен за виновен.

Мартиновиќ е осуден на 18 месеци затвор за кривични дела за создавање на криминална организација и неовластено производство, поседување и промет на опојни дроги. Пресудата е првостепена и дозволена е жалба. Тој поминал во притвор 14 месеци, а од јануари 2017 година му е дозволено да се брани од слобода. Од моментот кога беше уапсен во октомври 2015 година, тој тврди дека е невин и дека со првообвинетиот во овој случај бил во контакт бидејќи работел на документарен филм за една француска телевизија која го потврдила тоа.

“Пресудата на Јово Мартиновиќ нажалост, повторно покажа дека црногорските судови не ја разбираат работата на новинарите и веројатно тоа е една од причините поради што Мартиновиќ беше прогласен за виновен. Она што сметаме дека е особено проблематично е што судијата наведе дека Мартиновиќ ги користел своите новинарски знаења и вештини за да ги поврзе членовите на криминалните организации кои се занимаваат со наркотици и на тој начин го ставил новинарството во служба на криминалот што е неприфатливо. Бидејќи обвинителството не понуди конкретни докази за она за што е обвинет Мартиновиќ сметаме дека единствено правилно решение би било да се повлечат обвиненијата”, рече претседателката на Синдикатот на медиумите на Црна Гора, Маријана Цамовиќ.

Регионалната платформа ги поддржува барањата на Синдикатот на медиумите на Црна Гора за да му се обезбеди на Мартиновиќ фер судење во жалбената постапка, а од црногорските судови бара да се применат највисоките стандарди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на правата на новинарите и слободата на медиумите. Мартиновиќ, кој е наградуван новинар, досега има покажано интегритет и знаење за теми од областа на организираниот криминал, корупција и кршење на човековите права, вклучувајќи ги и воените злосторства на Западен Балкан.

Исто така, Регионалната платформа апелира до правосудните органи на Црна Гора во иднина да се воздржуваат од криминализирање на новинарите и новинарската професија. Новинарите во Црна Гора не можат да работат слободно, меѓу другото и поради тоа што тие исти правосудни органи не се во состојба да решат ниту еден сериозен случај на напад врз новинарите и медиумите.

Секој напад врз новинарите претставува напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Скопје – Београд – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб

BH Journalists Association
Trade Union of Media of Montenegro
Croatian Journalists’ Association
Association of Journalists of Kosovo
Association of Journalists of Macedonia
Independent Journalist Association of Serbia


, Подгорица, 18/01/2019