Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски на средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје



Претставници на Здружението на новинарите на Македонија предводени од претседателот Младен Чадиковски вчера го посетија шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која. Медиумските реформи и измените на законите кои ја регулираат работата и безбедноста на новинарите беа главни теми на разговор за време на средбата.

Чадиковски го извести Која за учеството на претставници на ЗНМ во неколку работни групи во рамки на Министерството за правда, чија крајна цел е измена и дополнување на Кривичниот законик, Изборниот законик, како и Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Беше побарано од Мисијата на ОБСЕ да се вклучи активно во овој процес со цел подготовка на подобри законски решенија кои ќе бидат базирани на добрата европска практика.

На средбата се разговараше и за актуелната ситуација во медиумскиот сектор, а Чадиковски посочи дека власта и опозицијата мора да најдат заеднички јазик и да ги деблокираат медиумските реформи. Тој побара од Која да помогне со своите капацитети за да се забрза овој процес.

Двете страни ја поздравија досегашната соработка и изразија подготвеност да соработуваат уште поинтензивно во иднина за подобрување на состојбата со слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.


, Skopje, 17/10/2019