Регионалната платформа повикува на итна истрага од страна на релевантните институции во БИХ за закани против новинарите од „Журнал“



Регионалната платформа за застапување на слободата на медиумите безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8000 членови, најостро ги осудува заканите кон новинарите од онлајн магазинот „Журнал“ од БиХ, по низата написи за можен меѓународен криминал поврзан со перење пари и нарко картели.

Во видео пораката, која е снимена и испратена од лицето Мирза Гачанин, со живеалиште во Холандија, на авторот на текстот Авда Авдиќ, му било порачано дека ќе биде „баран во канали“ заради неговите текстови.

Регионалната платформа изразува сериозна загриженост за заканите и директното загрозување на безбедноста и животот на новинарот Авдо Авдиќ. Во време кога нападите врз новинарите, не само во земјите од Западен Балкан, туку и во цела Европа и во светот, завземаат сè поинтензивни и посериозни размери сметаме дека ваквите закани треба да бидат сериозно сфатени, а полицијата и судските органи мора да преземат ефективни правни мерки за да обезбедат заштита на новинарите и санкционирање на лицето кое ја испратило заканувачката видео порака.

„Новинарите од БИХ се одлучни во барањето до надлежните полициски органи и обвинителството во Босна и Херцеговина да ги преземат сите законски овластувања и мерки за заштита на безбедноста на новинарот како и по пат на меѓународна соработка да побараат соработка и со полицијата од Холандија со цел санкционирање на лицето кое ја испратило заканувачката видео-порака. Исто така, новинарите на БИХ и Линијата за помош на новинарите ќе ги информираат меѓународните организации за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите за овој случај и ќе побараат нивна реакција“, рече Марко Дивковиќ, претседател на Здружението на новинари во БиХ.

Заканите упатени до новинарот на Журнал и неговото семејство се во исто време брутален напад врз слободата на изразување и слободата на медиумите. Било какви закани и притисоци не треба да бидат средство за справување со медиумите за да се изрази незадоволство од начинот на кој тие пишуваат за одредени лица или теми.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедност на новинарите ги повикува сите релевантни институции во Босна и Херцеговина и на меѓународно ниво да спроведат итна и ефикасна истрага за овој инцидент и во меѓувреме да ги преземат сите соодветни мерки за заштита на безбедноста на новинарот Авдиќ и неговото семејство.

Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Сараево – Подгорица – Загреб – Приштина – Скопје – Белград

Здружение / Новинари на БиХ
Сојуз на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Независно здружение на новинари на Србија


, , 24/10/2019