Регионална платформа: Го осудуваме нападот врз новинарот и камерманот на ТВ21 и повикуваме на брзо расветлување на нападот



СКОПЈЕ, 18.04.2019 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која застапува повеќе од 8.000 членови, остро го осудува нападот врз новинарот и снимателот на ТВ21 од страна на блиски роднини на градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими од СДСМ.

Вчера, откако екипата на ТВ21 снимила прилог во врска со поплаките на жителите на оваа општина во врска со лошата инфраструктура, роднини на градоначалничката Халими упатиле вербални закани кон телевизиската екипа дека ќе им ја искршат камерата и барале снимките да бидат избришани.

Откако новинарите одбиле да ги избришат снимките, истите биле принудени да влезат во општинската зграда на Арачиново и повторно им биле упатени исти закани. Тие и по втор пат одбиле да ги избришат снимените материјали, па инцидентот продолжил во редакцијата на ТВ21 каде истите лица му се заканиле и на главниот и одговорен уредник дека не смее да објавува ништо од снименото. Истовремено, пристигнале и полициски службеници, по што лицата кои се заканувале ја напуштиле телевизијата, а новинарот и снимателот дале исказ во полициска станица.

Ваквото насилничко и примитивно однесување особено од лица блиски до политички фигури е неприфатливо и преставува напад врз слободата на информирање. Тоа претставува класично попречување во вршењето на работата на новинарите.

Истиот ден, во подоцнежните часови, градоначалничката Халими го осуди нападот во писмо кое беше упатено до Здружението на новинарите на Македонија. Таа напиша дека бара брза и ефективна реакција од Министерството за внатрешни работи.

Регионалната платформа го поддржува ЗНМ во напорите да ги заштити новинарите и слободата на говорот и бара од релевантните власти темелно да го истражат овој случај и да ги извадат насилниците пред лицето на правдата.

Секој напад врз новинарите претставува напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб 18.04.2019

BH Journalists Association

Trade Union of Media of Montenegro

Croatian Journalists’ Association

Association of Journalists of Kosovo

Association of Journalists of Macedonia

Independent Journalists Association of Serbia


, Skopje, 18/04/2019