Регионална платформа: Да се овозможи безбедно известување за новинарите за време на спортски настани



БЕЛГРАД, 29.08.2019 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8000 членови, остро го осудува физичкиот напад врз новинарите на ТВ Н1 и вербалниот напад врз дописникот на ТВ Федерална Дејан Козул. Истовремено ги повикуваме надлежните органи итно да ги истражат двата случаи и да ги преземат потребните мерки за да ги идентификуваат насилниците.

Во близина на стадионот „Рајко Митиќ“, пред фудбалскиот натпревар помеѓу Црвена ѕвезда и Јанг Бојс, телевизиската екипа на Н1 се обиде да открие каков е ставот на навивачите за поставување на тенкот во близина на стадионот на Црвена ѕвезда. Додека го снимале своето прво интервју, од толпата биле навредувани со зборовите: „шпиони“, „крадци“, „американски платеници“… Откако снимателот и новинарот се обиделе да го избегнат инцидентот и решиле да се преместат на другата страна на улицата, една група на млади луѓе продолжила да ги следи. „Додека интервјуирав лица, не ги видов како доаѓаат од позади, и во моментот кога поставував прашање, еден од момците ја зграпчи камерата, се обиде и да го искрши микрофонот, но кога не успеа во тоа, го скина сунѓерот од микрофонот и го фрли на подот“, рече новинарот на Н1, Младен Саватовиќ.

Истиот ден, исто така во близина на стадионот „Рајко Митиќ“, дописникот на Федерална телевизија, Дејан Козул, се обиде да направи телевизиски извештај во близина на поставениот тенк. Во прв момент, еден човек кој бил во придружба на група млади му се приближил и го прашал што прави таму. Откако новинарот им одговорил дека прави телевизиски извештај за ТВ „Федерална“ од Сараево, тие го прашале дали е србин. Според Козул, овој вербален напад можел да прерасне и во физички напад, но неговиот снимател, не дозволил да дојде до тоа.

„За време на овој фудбалски натпревар беше забележани повеќе пречки во работата на новинарите, кои кулминираа со насилен исход. Негирање на акредитација на дневниот весник Данас од страна на менаџментот на Црвена ѕвезда, потоа заплашувањето на нашиот колега Козул и конечно физичкиот напад врз екипажот на ТВ Н1 се инциденти кои мора да имаат соодветна реакција од страна на државните власти во Србија“, рече Жељко Бодрозиќ, претседател на НУНС.

НУНС има регистрирано 85 случаи на притисок, физички и вербални напади врз новинарите.

Регионалната платформа го поддржува НУНС во нивните напори да ги заштити новинарите и слободата на говорот и ги повикува надлежните институции да реагираат навремено и да ги истражат овие случаи, да ги идентификуваат насилниците и да преземат правни мерки против нив.

Потсетуваме дека секој напад врз новинарите претставува напад врз јавниот интерес, демократијата и човековите права. Платформата ќе ги информира сите европски институции за овој инцидент и ќе побара нивна интервенција во областа на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во регионот на Западен Балкан.

 

Регионална Платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност: Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб

BH Journalists Association
Trade Union of Media of Montenegro
Croatian Journalists’ Association
Association of Journalists of Kosovo
Association of Journalists of Macedonia
Independent Journalist Association of Serbia

 


, , 30/08/2019