Регионална платформа: Неказнивостa води кон самоцензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја прави професијата непривлечна за младите



Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, го одбележува Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторства против новинарите .

Генералното собрание на Обединетитете нации го прогласи 2-ри ноември за Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата против новинарите.  Овој датум беше избран во знак на сеќавање на атентатот на двајца француски новинари во Мали на 2-ри ноември 2013 година.

Овој ден е симбол на силната посветеност на новинарите да ја донесат вистината пред очите на пошироката јавност и истовремено да ги потсетат надлежните институции дека се должни да обезбедат безбедно опкружување во кое новинарите можат слободно да работат.

Во текот на изминатата деценија, повеќе од илјада новинари се убиени додека ја вршат својата професија. Девет од десет случаи се нерешени, а на крајот никој не е казнет. Неказнивоста доведува до повеќе убиства и честопати тоа е симптом на влошување и распаѓање на законите и судските системи. Исто така, неказнивоста неизбежно води кон самоцензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја прави професијата непривлечна за младите.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување во слободата на медиумите и безбедноста на новинарите апелира до јавноста, граѓаните и политичките партии дека новинарите не треба да бидат напаѓани за извршување на својата работа. Институциите, а  пред сè судството треба да ги процесира нападите врз новинарите што е можно поскоро, сè  со цел да се заштити демократијата во земјите од Западен Балкан. Во текот на изминатите пет години, Платформата регистрираше 570 напади и закани врз новинари, но сепак, многу малку од нив се решени од надлежните институции.

Платформата силно ги поддржува новинарите како и напорите на новинарските организации за заштита на новинарите и слободата на говорот, како и нивните напори во борбата против неказнивоста на злосторства против новинарите. Секој напад врз новинарите се смета за напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб (02.11.2019)


, Skopje, 02/11/2019