ДА СОПРАТ ЗАКАНИТЕ КОН ДРАГАН ЈАЊИЌ

0
266

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 7800 членови, остро ги осудува сериозните закани и говорот на омраза кои беа насочени кон главниот уредник на новинската агенција Бета, Драган Јањик, кој воедно е и заменик претседателот на Независното здружение на новинари во Србија Драган Јањиќ.

Од 16 јануари 2018 година, од Фејсбук страницата на Србија НАШАТА земја (Serbia OUR country), Драган Јањиќ доби повеќе од 300 коментари со разни навреди, но и директни смртни закани – “(однесете го) на Калемегдан и ставете му куршум во чело”, “обесете го на плоштад” и слично. Имајќи предвид дека на истата страница им беше понудена (но не и објавена) неговата адреса на оние кои ја побараа, Регионалната платформа смета дека безбедноста на Драган Јањиќ е директно загрозена. Според Здружението на независни новинари на Србија, прогонот започнал со еден спонзориран пост, што укажува на тоа дека се работи за организирана кампања.

„На прес-конференцијата за атентатот на Оливер Ивановиќ, кој беше локален српски политичар во Косово, претседателот на Србија Александар Вучиќ директно го именуваше Јањиќ и индиректно ја охрабри и поддржа оваа кампања против него”, рече Славиша Лекиќ, претседател на НУНС. Лекиќ истакна: „Јањиќ, еден од најреномираните новинари во Србија, поради изразено мислење на Твитер дека „започна ликвидацијата на политичките противници”, доби директни закани за физичко насилство, па дури и за негово убиство. Неговата адреса беше јавно достапна. Очекувам обвинителството веднаш да реагира и да спречи понатамошни закани за безбедноста на Јањиќ”.

Регионалната платформа бара од соодветните авторитети на Република Србија итно да ги преземе сите правни мерки против индивидуалците кои, преку социјалните мрежи, отворено повикуваат на линч на Драган Јањиќ. Исто така, Платформата ги повикува највисоките јавни функционери од Република Србија јавно да ги осудат заканите и пораките со говор на омраза насочени против Јањиќ.

Регионалната платформа го поддржува НУНС во напорите да ја заштити слободата на говорот. Истовремено, ги повикуваме меѓународните организации да извршат дополнителен притисок врз српските власти, со цел да почнат да ги почитуваат слободата на говорот и слободата на медиумите и да обезбедат безбедни услови за работа на новинарите.

Во 2017 година Србија регистрираше 32 инциденти, 6 физички напади, 22 вербални закани, 2 напади на имотот, еден случај на незаконско набљудување и еден случај на дискриминација.

Секој напад врз новинарите претставува напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Регионална Платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност, Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб

BH Journalists Association
Trade Union of Media of Montenegro
Croatian Journalists’ Association
Association of Journalists of Kosovo
Association of Journalists of Macedonia
Independent Journalist Association of Serbia