ЗНМ: Да се отфрли обвинението против Кежаровски



СКОПЈЕ, 20.05.2019 – Утрово Здружението на новинарите на Македонија одржа седница на Управниот одбор по повод укинувањето на пресудата против новинарот Томислав Кежаровски и одлуката на Врховниот суд за враќање на предметот на повторно судење. На седницата ја разгледaвме одлуката на Врховниот суд за предметот на Кежаровски и едногласно одлучивме дека ЗНМ до крај ќе инсистира на правичност на Судот и Обвинителството во постапувањето по овој случај се дури Кежаровски не биде ослободен од обвинението.

Во изминатите неколку години ЗНМ континуирано даваше поддршка на колегата Кежаровски и тој став принципиелно ќе го брани се додека не биде задоволена правдата. Затоа, бараме Основното јавно обвинителство да го повлече обвинението против колегата Кежаровски, кој беше неправедно обвинет, а потоа и осуден. Со еден ваков потег ОЈО ќе покаже дека конечно одлучува независно и непристрасно во интерес на правдата. Со оглед на тоа дека Врховниот суд го врати предметот на повторно одлучување, го повикуваме и Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинението и со тоа да покаже дека во оваа држава слободата на говорот е загарантирана како основно човеково право.

Ова претставува одлична можност за Основното јавно обвинителство и Кривичниот суд да демонстрираат правичност и конечно да стават крај на еден долг и неправеден предмет што се води против новинарот и доскорешен Заменик Претседател на ЗНМ, Томислав Кежаровски.

Потсетуваме дека поради овој случај, Македонија како една од единствените земји која имаше новинар во затвор, беше посочена како неслободна земја во која не се почитуваат новинарските права и слободи. Со страдањето на Кежаровски настрада и имиџот на нашата земја пред светот и тоа беше забележано во сите извештаи. Не би сакале тоа да се повтори.

Затоа, сега е време таа неправда да се исправи и да се покаже дека институциите во Македонија имаат капацитет да овозможат амбиент во кој новинарите и медиумските работници ќе можат слободно и безбедно да ја вршат својата работа во интерес на јавноста.

ЗНМ и понатаму ќе продолжи активно да го следи овој предмет преку мониторинг на работата на правосудните органи се до конечната слобода на Кежаровски.

Кежаровски беше обвинет за откривање на идентитетот на заштитен сведок, меѓутоа јавноста знае дека тој во своите написи не го откри идентитетот, а потоа во постапката се покажа дека заштитениот сведок бил лажен. Со ова е очигледно дека неговиот предмет беше монтиран со цел да биде згасната неговата критика.


AJM, Skopje, 20/05/2019