Избрано раководството на Секцијата на спортски новинари при ЗНМ



СКОПЈЕ, 20,04,2019 – Денеска во просториите на Клубот на новинари се одржа Изборното собрание на секцијата на спортски новинари при Здружението на новинарите на Македонија. На настанот каде присуствуваа 40-тина спортски новинари, едногласно беше избран Перо Момировски како раководител на оваа секција.

Присутните заклучија дека во наредниот период раководителот на оваа секција ќе состави тим во кој ќе учествуваат уште неколку спортски новинари, со цел поефективна координација на ова тело во иднина.

Една од првите активности со кои ќе се бави Секцијата е подобрување на условите за работа на спортските новинари, преку олеснување на нивниот пристап до спортските активности и настани, како и унапредување на соработката со спортските федерации и клубови во државата и надвор.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ја поздрави оваа иницијатива и порача дека само сложно и солидарно може да се подобри амбиентот во кој работат спортските новинари. Тој им честиташе на колегите за нивната проактивност и укажа дека Здружението стои зад нив и ќе се посвети со целиот свој капацитет да ја поддржува секцијата во својата работа.

Ова е втора формирана секција во рамки на Здружението на новинарите на Македонија. Минатиот месец беше формирана секција на сниматели при ЗНМ, а во иднина најавено е формирање на посебни секции на млади новинари и на истражувачки новинари.


AJM, Skopje, 20/04/2019