ЗНМ и ССНМ: Вакцинацијата на новинарите ќе има позитивен одраз на информирањето

0
101

Околу 600 новинари и медиумски работници постари од 40 години беа вакцинирани денеска против ковид-19, а помладите ќе бидат вакцинирани во втора фаза. Од Здружението на новинари и од Самостојниот синдикат на новинари изразија уверување дека вакцинацијата позитивно ќе се одрази на работата на медиумите бидејќи новинарите ја имаат таа професија која е во близок контакт со заразените лица.

Денеска се вакцинираат околу 600 новинари, и тоа оние од критичнаа група над 40 години, и луѓе кои се со хронични болести. Вакцинацијата е организирана во соработка со Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари.

Младен Чадиковски од ЗНМ изјави дека се надева оти во следната фаза ќе се вакцинираат и останатите медиумски работници.

„Она што е особено значајно е дека сите овие медиумски работници беа во допир, близок контакт со вирусот, но имаа и контакти со многу луѓе и мислам дека овој тип на заштита е значаен затоа што ќе биде заштита не само за личното здравје туку ќе биде и заштита и за останатите луѓе кои имаат постојани контакти новинарите“, рече Чадиковски.

Според него, се очекува дека вакцинацијата ќе даде добри резултати за работењето на медиумите, но и затоа што кон новинарите и медиумите гравитираат многу луѓе.

„Се надевам дека вакцинацијата ќе продолжи и дека сите ќе успееме да добиеме вакцини и новинарите помлади од 40 години кои сега не се опфатени, бидејќи се покажа дека новинарската професија е една од првите професии кои се во контакт со луѓе кои се заразени. Имавме многу колеги кои се заразени, имавме и смртни случаи, имаме колеги кои се хоспитализирани, или во изолација и се надевам дека ќе успееме сите новинари и мед работници да ги заштитме од короната, рече новинарката Тамара Грнчароска од новинарскиот Синдикат.