ЗНМ со конструктивни предлози за подобрување на Судскиот деловник

0
59

Како одговор на барањето од страна на Министерството за правда на Северна Македонија во март оваа година, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) достави предлог измени на Судскиот деловник кој е од важност за непречена работа на новинарите и навремено и точно информирање на јавноста.

Предлозите кои беа доставени беа претходно комуницирани со судии и претставници на ова министерство а исто така беше земено во предвид и искуството на новинарите кои известуваат за прашања поврзани со работата на судовите преку непосредни консултации со колегите.

Забелешките се поделени на посебни и општи а првите се однесуваат на делот од деловникот со кој се уредува транспарентноста на работата на судовите и пристапот до рочишта. Вторите забелешки се однесуваат генерално на подобрување на достапноста на информрациите на судот преку подобрување и зголемување на содржината  објавена на веб страните на судовите која се однесува на нивната работа.

ЗНМ како посебни забелешки во предлозите ги потенцираше обврската за формирање на централен регистар на портпароли на судски единици со име и презиме телефонски број и емаил адреса на портпарол на секој суд. Тој регистар да биде јавно објавен и таа информација да биде јавно достапна на суд.мк и на веб страните на судовите. Во насока на поголема транспарентност, да се уреди и едноставен пристап до судски списи на новинарите. Ова ќе може да ја олесни работата на новинарите и ќе овозможи прецизно и точно пренесување на информациите (особено од седници кои траат и по неколку часа). Покрај неколку терминолошки корекции, од особен интерес за јавноста е интересот и присутноста на рочиштата без притоа новинарите и медиумските работници да бидат попречувани во нивната работа. Покрај новинарите и медиумските работници потребно е да бидат опфатени во деловникот и лица кои што се присутни во судот со цел да мониторираат рочишта како што се претставници на  граѓански организации, меѓународни организации и слично.

ЗНМ предлага во деловникот да содржи обврска за сите судии да има објавено стандардизирана биографија, фотографија и контакт емаил адреса на веб страните на судовите како и да постои еден централен регистар на суд.мк., како и лице со  контакт емаил адреса и телефон кое ќе биде задолжено за давање на информации од јавен карактер. Измени во делот на објавените кривични судски одлуки на веб страницата на судот се бришат по истекот на рокот за бришење на осудата, согласно со одредбите од Кривичниот законик, а другите судски одлуки се бришат по истекот на пет години од денот на нивното објавување. Рокот од пет години е премногу краток и треба да се зголеми за десет години. Процесот за достава на забелешки и сугестии на измените е се уште отворен и секој новинар може да поднесе дополнителни мислења кои потоа ЗНМ ќе ги искомуницира во рамки на работната група за измена и дополна на овој документ.