ЗНМ ја поздравува ослободителната пресуда за Божиновски

0
368

СКОПЈЕ, 02.03.2020 – Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува пресудата на судијата Владимир Туфекџиќ за случајот „Шпион“ со која го ослободи од сите обвиненија новинарот Зоран Божиновски.

Во текот на целиот судски процес ЗНМ го повикуваше Основното јавно обвинителство, а подоцна и СЈО да го повлечат обвинението против Божиновски за кое имаше сериозни индиции дека е политички монтирано. На денот на првото рочиште против Божиновски (во 2016 година) новинарските здруженија на чело со ЗНМ организираа протест пред Судот во Скопје бидејќи постоеја основани сомненија дека обвиненијата против него за злосторничко здружување, шпионажа и уцена беа всушност одмазда од тогашните центри на моќ поради долгогодишното експонирање на криминал и корупција.

ЗНМ во соработка со меѓународните медиумски организации за овој случај обезбедуваше и бесплатна правна помош.

Случајот на Божиновски подолго време ја влечеше земјата надолу на светските индекси кои ја мерат слободата на медиумите и слободата на изразување и затоа Здружението на новинари ја поздрава оваа ослободителна пресуда со која се става крај на прогонот на Божиновски.

Сепак, и покрај ослободителната пресуда на Божиновски се уште не му е укината мерката за забрана за издавање на пасош, а со тоа тој не може да се движи слободно. Бараме од судските власти во најбрз можен рок да ја укинат оваа мерка бидејќи Божиновски веќе е прогласен за невин и нема потреба врз него да се применуваат такви ограничувања.