ЗНМ и ССНМ: Нападите врз новинарите да бидат третирани како напади врз службени лица



Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски заедно со претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска остварија средба со министерката за правда, Рената Дескоска.

На средбата се разговараше за изменување и дополнување на Кривичниот законик во насока на поголема заштита на новинарите и медиумските работници при нивното работење, како и воведување поголеми и поригорозни казни за напаѓачите.

Чадиковски истакна дека новинарските екипи мора да добијат поголема заштита од институциите при извршувањето на нивните професионалните обврски, каква што заштита уживаат службените лица.

Целта е преку овие измени на Кривичниот законик да се воспостави поефикасен систем на заштита на новинарите, со што би се придонело во иднина да има помалку напади врз новинарите и медиумските работници.


, Skopje, 19/09/2019