МРТ треба да вработи повеќе новинари, да отвори дописнички центри во земјава и да има дописници од регионот



СКОПЈЕ, 26.05.2020 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) не се изненадени од податоците во најновиот Правилник за систематизација на работните места во Македонската радио-телевизија (МРТ), кој покажува дека на јавниот сервис му недостигаат 469 вработени, од кои 202 се новинари.

Според информациите на ЗНМ, нема јавно достапна анализа од службите во МРТ за тоа колку навистина новинари и технички кадар се потребни за работата на јавниот сервис, особено откако се отворија новите телевизиски канали. Од ЗНМ велат дека нивните членови кои доаѓаат од оваа куќа потврдуваат дека има недостаток на новинари во информативните програми, а воочлива е потребата и од дописничка мрежа на локално и меѓународно ниво.

– Важно да се истакне е дека за создавање на квалитетна програма не е битна само бројката на вработени, туку колку од нив редовно и совесно си ја вршат својата работа, со какви средства работат и дали ново вработените или привремено ангажирани поминуваат низ обука внатре во овој медиум врз утврдени правила и процедури – велат за „Мета.мк“ од ЗНМ.

Од ССНМ сметаат дека бројот на вработени во јавниот радиодифузен сервис е далеку од доволен, со оглед на зголемените надлежности, програма и канали кои се случија во изминативе две години.

– ССНМ не учествувал во создавањето на систематизацијата, бидејќи бројот на нашите членови таму е занемарлив, а МРТ има свој синдикат, за чии активности ретко се слуша. Сепак, самиот факт дека има 50 проценти помалку вработени од првично планираното укажува на тоа дека МРТ во моментов не може да ги извршува своите основни задачи како јавен радиодифузен сервис – велат за „Мета.мк“ од ССНМ.

Во Правилникот за систематизација на работни места во МРТ стои дека за одржување на дописничката мрежа низ земјава им се потребни 26 новинари и 10 сниматели-камермани, додека во моментов располагаат со 11 новинари и само еден снимател. Воедно, МРТ има само еден постојан дописник од странство и ниту еден снимател.

– МРТ како сервис на граѓаните едноставно мора да има широка мрежа на дописници, кои ќе работат во соодветни услови, ќе бидат социјално и економски обезбедени, кои ќе имаат соодветна професионална опрема за да може да одговорат на задачите како што е покривање на одредени региони надвор од главниот град – посочуваат од ССНМ.

Од ЗНМ информираат дека подолг период се лобира за обнова на дописничкиот кадар на МРТ, вклучувајќи го и отворањето на најмалку осум дописништва низ државата.

– Мал прогрес има во однос на ова прашање и МРТ неодамна привремено ангажираше десетина дописници, но сметаме дека тоа не е доволно – информираат од ЗНМ.

Од Здружението дополнуваат дека јавниот радиодифузен сервис задолжително мора да има дописници во главните градови на соседните земји, како и во земјите што претставуваат стратешки партнери на нашата држава. Тие очекуваат догодина финансиите на МРТ да изнесуваат 1 отсто од државниот буџет, што според проценките на ЗНМ треба да е сосема доволно за да се интервенира во квалитетот и квантитетот на дописничката мрежа.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


https://meta.mk/, Skopje, 26/05/2020