Претставена публикацијата „Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права“

AJM

СКОПЈЕ, 20.12.2017 – Здружението на новинари на Македонија, во соработка со Европската делегација и со француската амбасада во Македонија во Клубот на новинарите ја претстави публикацијата: „Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права“ од д-р Мирјана Лазарова Трајковска. Во оваа публикацијата се анализирани пресудите и предметите во Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на слободата на говорот. Во неа, исто така, детално е анализирана пресудата за предметот „Селмани и другите против Република Македонија“.

Авторката на публикацијата д-р Мирјана Лазарова Трајковска, во промотивниот говор истакна дека слободата на изразување е претпоставена и таа мора да се почитува. „Јасно се пропишани случаите кога државата може да ја ограничи слободата на изразување“, рече таа, дополнувајќи дека се надева оти публикацијата ќе биде од корист и во новинарската и во судската фела.

На промоцијата се обрати и евроамбасадорот во Република Македонија, Самуел Жбогар. Според него слободата на изразување значи дека мислењата може да се споделуваат слободно, но притоа говорот на омраза мора да биде забранет, а државите мора да бидат заштитници кои го гарантираат ова право. Тој потенцираше дека очекува читатели на оваа публикација во иднина да не бидат само судиите, туку и сите останати чинители во медиумската сфера како што се новинарите, политичарите, граѓанските организации, уметниците итн.

Францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние ја истакна потребата и важноста од една ваква публикација „Оваа книга е важна бидејќи ќе ве потсетува на огромната одговорност која вие ја носите. Таа претставува споменик на храброста на некои од новинарите, но и споменик на недостигот од храброст на некои други чинители“, рече тој.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани се заблагодари на Европската делегација и на француската амбасада во Македонија за поддршката за објавување на публикација. Селмани рече дека целта на публикацијата е да се подобри известувањето на новинарите затоа што само добро информирани новинари за нивните права и обврски не ги прекршуваат правата на останатите и нема да се самоцензурирaат од страв дека ќе можат да бидат гонети за објавените информации.

Тој рече дека публикацијата е намената на институциите, кои се обврзани да обезбедуваат поволен амбиент за работа на новинарите. Според него, публикацијата треба да биде поука за сите дека 24 декември од 2012 година никогаш не смее да се повтори.

Публикацијата можете да ја погледнете на следниот линк.


AJM, Skopje, 20/12/2017