ЗНМ: Институциите итно да постапат за заканите кон Јордановска и Коровешовска



СКОПЈЕ, 13.01.2020 – Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осудува заканите и навредите упатени кон уредничката на „ТВ Алфа“, Искра Коровешовска од страна на лицето Емил Јакимовски. Ова е истиот заканувач кој неодамна на сличен начин испрати закани и до новинарката Мери Јордановска.

Загрижува фактот што во двата случаи, заканите содржат елементи на родова дискриминација, а ваквиот притисок кон жените новинари е сериозна пречка за слободата на изразување, слободата на медиумите и правото на граѓаните да бидат информирани.

ЗНМ е во контакт со Министерството за внатрешни работи за двата случаи од каде ни беше ветено дека ќе работат на целосно расчистување на овие напади. Го повикуваме и Основното јавно обвинителство да одигра активна улога во насока на брзо истражување на заканите со цел да се превенираат слични случаи во иднина.

Неказнивоста на ваквите дела ја доведе земјата на 95 место на светскиот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, затоа апелираме на брзо и ефективно процесуирање на овие предмети.

Ги охрабруваме колегите да не подлегнуваат на ваквите закани и навреди и истите да ги пријавуваат во ЗНМ, со цел да се крене свеста пред граѓаните дека насилството кон новинарите е недозволиво, но и да се мотивираат надлежните институции активно да ги штитат нашите колеги.

Исто така, овие закани треба да бидат дополнителен мотив за Министерството за правда и Собранието на РСМ за измена и дополнување на Кривичниот законик преку кој ќе се гарантира поголема безбедност и сигурност за новинарите и медиумските работници.


, Skopje, 13/01/2020