ЗНМ: Бараме професионален и независен состав во раководствата на АВМУ и МРТВ



СКОПЈЕ, 20.06.2019 – Конституирање на новиот состав на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Програмскиот совет на јавниот сервис беа главна тема на разговор на средбата меѓу Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски и Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Чадиковски истакна дека само со независен и професионален состав во овие две институции ќе може да дојде до откочување на медиумските реформи.

„Од персоналниот состав на Советот на агенцијата и на јавниот сервис најмногу ќе зависи дали институциите ќе работат во интерес на јавноста, граѓаните и новинарите или ќе продолжат да бидат партиски испостави, како што беше констатирано во бројни меѓународни извештаи“, рече Чадиковски.

Тој побара од Пендаровски да го заложи својот претседателски авторитет за што побрз избор на новиот состав на овие тела.

Заеднички беше констатирано дека заедничката заложба на државата и на медиумите треба да биде обезбедување на основните права и слободи на новинарите со цел спроведување на професионалните стандарди во известувањето.

Шефот на државата, Пендаровски изрази поддршката за работата на ЗНМ и новинарите и истакна дека активно ќе се залага за што поголеми медиумски слободи и транспарентност на институциите, кои се главен императив и еден од основните принципи на демократијата на секоја држава.


AJM, Skopje, 20/06/2019