Регионална платформа ги осудува заканите кон новинарката на ТВ21



Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедност на новинарите која претставува повеќе од 8000 членови, остро го осудува нападот врз новинарката на ТВ21, Алмедина Исмајли, која доби сериозни закани откако објави приказна за член на политичката партија Алијанса за Албанците.

На 27 јануари, Исмајли напиша статија во која го спомна Нешат Адеми, поранешен член на Алијансата за Албанците (АА), откако тој на својот Фејсбук профил објавил дека ја напушта политичката партија АА. Откако се објави приказната, Исмајли добила телефонски повик во кој Адеми кон неа испратил сериозни закани . Тој во телефонскиот разговор и  рекол: „Претпоставувам дека не сте биле тепани долго време. Ќе те убијам за објавување на написот“.

Случајот бил пријавен во полиција и следниот ден Адеми е повикан во полициска станица да даде изјава за настанот. За жал, институциите за спроведување на законот проценија дека нема елементи за покренување на кривична постапка  против Адеми.

„Би сакал да потсетам дека само преку строго санкционирање, институциите може да спречат идни напади и закани против новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите. Ова е неопходно за подобрување на состојбата за слобода на говорот во земјата “, рече претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

За само еден месец пријавени се четири напади и сериозни закани врз новинарите, што е еднакво на сите регистрирани напади во 2019 година во Северна Македонија. Во сите четири случаи, предмет на притисоци се жени новинари што предизвикува уште поголема загриженост бидејќи ова е нов негативен тренд во земјата.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите го поддржува Здружението на новинари на Македонија во напорите да ги заштити новинарите и слободата на говорот во Северна Македонија. Во исто време, Платформата ги повикува релевантните институции да ги третираат посериозно нападите врз новинарите и соодветно да ги санкционираат напаѓачите.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 31.01.2020 г.

Здружение на новинари во БиХ

Синдикат на медиуми на Црна Гора

Здружение на новинари на Хрватска

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинарите на Македонија

Независно здружение на новинари на Србија


, ,