Реформа или проформа: Функционалноста на етичката комисија во МРТВ



Во време кога информациите станаа оружје, а медиумскиот простор е окупиран со интересите на бизнис и политичкото лоби, потребата за професионални и етички стандарди станува се поголема. Токму тука јавниот сервис би требало да ги покаже своите највисоки перформанси и да застане во одбрана на интересите на граѓаните. Но, речиси и да не постои анализа или истражување за домашниот јавен сервис која што во последните две децении не покажува сериозно отсуство на објективност, пристрасност, чесност или вистинитост во новинарското известување во МРТВ.

За да се ублажат штетите и да се почне со подобрување на стандардот, пред четири години се создаде и Етичката комисија при јавниот сервис задолжена да постапува по прекршувањата на тогаш новосоздадениот Етички кодекс. Кодексот пак, добар или лош, се состои од етички правила за начинот на известување, но и правила за работниот однос не само за новинарите туку за сите вработени во јавниот сервис.

Досега исходот од оваа реформа е една суспензија и една оставка. Комисијата која што е составена од два члена од Македонска телевизија, два од Македонското радио, еден член од Дирекцијата на МРТ и по уште еден од администрација и Синдикатот на МРТ, добила и други претставки. Но, никој не може да биде сигурен ниту колку се, ниту каде се, ниту што се случува со нив, поради тоа што комисијата во моментов нема претседател. На 17-ти ноември 2019 година по барање на претседателот на Етичката комисија, истиот е разрешен од должноста. До денеска комисијата не се состанала за да изберат нов претседател, па со оглед на тоа нема кој да ја прими поштата за Комисијата.

„Факт е дека во МТВ состојбите се тешки, особено со кадар. И ви велам, по сите сериозни стандарди се испитуваа двата случаи за кои и јавноста дозна за тие завршници. Ништо сериозно не се случило што не било истражено и по што не се постапувало. Има колеги кои ова право исто така се обидуваат да го искористат против други колеги заради унапредувања или завист или некои лични работи”, вели Марјан Цветковски, директор на МРТВ.

На прашањето дали смета дека членовите на комисијата се одбрани соодветно со оглед на тоа што нема новинари, туку пред се технички лица и лица блиски до директорите, тој вели дека се е според кодексот, “но дефинитивно може да се подобри функционирањето”.

„Тоа се направи колку да се направи тогаш. Се брзаше да се испорача барем мал успех дека има надеж за промени во јавниот сервис. Имавме добри намери. Но, дали можеа да се изведат подобро, да.”, вели тој.

Сепак, можноста за поплаки е само во рацете на Комисијата, додека граѓаните кои што го плаќаат и кои што се основачи на јавниот сервис не можат тоа да го сторат. Образложението обично е дека за ова нема правило. Но, јавниот сервис може самиот да го скрои бидејќи и општите етички рамки за било кој медиум налагаат новинарите во својата работа да ги земат предвид жалбите на публиката. Како стигнавме до тука и како по четири години работа на Етичката комисија, наместо повисок стандард, статусот на МРТВ останува ист.

 

Обид за промена

Во текот на  2014 година, СОНК незадоволни како известуваат МРТ за нивните активности ќе ја почне и првата од серијата јавни побуни против МТВ. Со ова гласно ќе се започне да се крева свеста дека медиумот е јавно добро и дека МТВ им припаѓа на граѓаните, се финансира од нив и има законска обврска да известува етички, професионално и непристрасно, во функција на и само на јавниот интерес. Во следните две години пред зградата на јавниот сервис ќе се организираат серија протести на граѓански организации, политичари, новинари и други незадоволни движења кои во окупираниот јавен сервис не гледаат сојузник на интересите на граѓаните.

МТВ ја во блиска историја ја следат бројни скандали, од финансиски до политички. Но, димензијата на политичките притисоци се манифестира преку две клучни општествени настани: таканаречениот црн понеделник кога опозицијата којашто се противеше на носењето на Буџетот заедно со новинарите беше насилно исфрлена од седницата од страна на полицијата на 24 декември, 2012 година и тепањето на опозицијата и новинарите кога топла упадна и се обиде да убие неколку функционери меѓу кои и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а со цел да се спречи конституирањето на Собранието. МТВ за овие настани не известуваше.

„Рaботите во МТВ беа толку црни, што тие станаа предмет и на Пржинскиот договор, прво со назначување технички главен уредник до спроведувањето на изборите, а во ноември се донесе и Етички кодекс за известување во МТВ на кој работеше и ЗНМ со олеснувачот Питер Ванхојте и раководството на МТВ”, вели поранешниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани.

 

Сервисираните и претплатниците                                                           

„Мора да се шегуваат!”, ова ќе биде реакцијата на долгогодишниот новинар и уредник Зоран Димитриовски кога во 2015 година ќе се објави дека МТВ решила да донесе Етички кодекс и да формира етичка комисија.

„Баш сега ли треба да им веруваме дека ако го усвојат кодексот и ако го објават на огласна табла во МТВ, ќе се ослободат од партиските пранги? Мислат оти ја завршиле работата само со тоа што во членот 4 од тој пишман тефтер напишале оти им е обврска –„да ги промовираат јавните интереси и да ги почитуваат интересите на јавноста”, како и „да придонесуваат за почитување и промоција на темелните човекови права, слободи и демократските вредности и унапредување на културата на јавниот дијалог”!? Бре, мајката! Па кој ве спречува тоа да го направите уште вечерва, со или без кодекс”, ќе напише Димитриовски во колумна.

Со носењето на етичкиот кодекс се воведе уште една новина, а тоа е формирањето на Етичката комисија при МТВ пред која што може да се поведат постапки заради неетичко и непрофесионално известување. Но, малку се оние што знаат за ова, а меѓу неинформираните се и самите вработени во јавниот сервис.

„Здраво, би сакале да дознаеме повеќе за работата на Етичката комисија и да пријавиме случај можеби. Ќе може ли да ни кажете како да го сториме тоа”, прашавме телефонски во МТВ откако не успеавме да пронајдеме никаков податок или форма на нивната веб страница. “Да направите што?”, зачудено возврати Службеното лице за пристап до информации од јавен карактер.

Откако објаснивме што е тоа етичка комисија и што, всушност, сакаме да направиме, личноста на другата страна на телефонот воздивна „Ах, тоа”. Не знаеше ниту кој е во Етичката комисија, ниту како точно се пријавува.

„Напишете на еден лист хартија што мислите и донесете го во централа, па ќе видиме”, рече тој. „А зарем не може електронски да пријавиме”, прашавме по што се слушна смеење.

„Немаме опција за такво нешто, можеби преку емаил, но којзнае дали воопшто некој ќе го прочита”, одговори соговорникот.

Прашавме и кои се членовите со цел да поразговараме со нив. Службеното лице за информации од јавен карактер ни рече дека ќе му треба повеќе време да ја дознае таа информација и замоли да испратиме Барање за информации од јавен карактер за сите прашања кои ги имаме.

До денот на објавување на оваа сторија, ова и другите наши прашања за тоа дали и колку претставки имаат добиено, не беа одговорени. Повторно, поради тоа што комисијата се уште нема нов претседател.

 

Што сработила Етичката комисија

„Кодексот знаеме дека се носеше, и тоа само поради политичкиот притисок и ништо друго, но тоа беше се. Никој никогаш не ни кажа кој членува во таа комисија, ниту знаеме дека се формирала. Ниту пак некој не консултираше за кодексот. Барем повеќето од нас немаат идеја. Намерите сигурно не биле да ја изложат телевизијата на поплаки туку да се преправаат дека ете нешто исполниле луѓето од раководството. Ова место се уште е еднакво мизерно какво што беше и кога прв пат се вработив, а тоа беше многу одамна. Вие прашувате зошто не можете да го пронајдете Етичкиот кодекс на страницата, а нам страницата некогаш воопшто и не ни работи, не постои интернет редакција, кога има годишни одмори со недели нема никакви вести на истата”, вели новинарката која преферираше да остане анонимна.

Сакавме да дознаеме повеќе за етичката комисија и како таа функционира. Разговаравме со најмалку 10 лица кои работат во јавниот сервис. Сите наши соговорници прв пат слушнаа од нас за тоа тело. Сите колеги се понудија да се распрашаат повеќе за постоењето на таа комисија. Некои помалку, некои повеќе успешно, но сите допринесоа со некое свое сознание. Сите сугерираат дека оваа комисија останала да постои само на хартија и никој особено не се грижи граѓаните да можат да го остварат ова свое право.

„Имало два случаи во кои што се состанала таква етичка комисија, ако воопшто е тоа истата работа за која што зборуваме. Еднаш кога новинар на јавниот сервис се појави пијан во живо во вестите и еднаш кога друг новинар ширеше етничка и верска омраза на социјалните мрежа”, рече нашиот соговорник и укажа дека, сепак, е можно да постојат и други случаи, но „обично за такви нешта брзо се дознава во редакцијата и веднаш почнува да се зборува како во секоја поголема фирма”.

На прашањето дали смета дека МРТВ известува етички и професионално, нашиот соговорник вели дека работите малку се подобриле, но не значајно.

„По инерција уште се смета дека за Владата треба да се известува позитивно, небаре тоа е државата и тоа новинарите во МТВ го прават и без да се бара од нив, таква е културата, поданичка. За разлика од пред три години да речеме кога вестите беа пропаганда од тешка артилерија како на анонимните портали, сега работите малку од малку се попристојни. Но, ова уште не е јавен сервис на граѓаните“, вели новинарот.

Здружението на новинари силно се противеше против носењето на Етичкиот Кодекс набрзина, во декември 2015. Јавноста обвинуваше дека не само што го копирале Етичкиот кодекс на хрватскиот јавен сервис, туку и лошо го превеле.

Кодексот е премногу општ, конфузен и има сериозни пропусти. Таков пример е и посебното поглавје со кое што се забранува скриено рекламирање, одредбите се однесуваат само на стоки и услуги, а не и на прикриено политичко рекламирање. А критиките од медиумските организации ќе бидат особено фокусирани на фактот што во Етичкиот кодекс ниту еднаш не се споменува забрана на политичко рекламирање, особено затоа што токму политичкото влијание со години се оценува како изворот на сите катастрофи во јавниот сервис и како проблем кој бара итно решавање.

 

Еден од малкуте примери

Грчки аналитичар: Груевски беше соборен од Сорос бидејќи не им служеше на западните медиуми“, „ВМРО-ДПМНЕ: Манипулациите на Сорос се прочитана книга“ или „Орбан: ЕУ и Сорос виновни за бегалската криза“ – овие и слични наслови беа водечки во вестите на јавниот сервис по промената на власта во 2017 година. Јавноста обвинуваше дека во овие напади инструментализиран е и јавниот сервис.

Истражувачкиот проект за руско влијание на Балканот на Меѓународниот проект за известување за корупција и организиран криминал ќе го вброи јавниот сервис во медиумите кои што се дел од глобалната анти-Сорос кампања за којашто ќе се открие дека е дело на тајни напори за дестабилизација на земјава во која се вмешани Русија и десните конзервативци од САД.

Комисијата од формирањето втор пат се состанува откако јавноста во 2018 почнува да врши силен притисок врз нив поради повиците за војна на социјалните мрежи од страна на нивен новинар.

„Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудуваат, како што велат, недоличното обраќање на новинарката на МРТВ која на Фејсбук објави повик за мобилизирање за време на прославата на Илинден на Мечкин Камен“, ќе се огласат еснафските здруженија во заедничко соопштение.

Дури потоа ќе следи одлуката на програмскиот уредник да го пријави случајот кај Етичката комисија која што ќе постапи по случајот за новинарката Марија Котовска, која со години нескриено ја покажува својата партиска припадност и истата беше видлива во нејзината работа на МТВ.

Холандскиот радиодифузен сервис РТЛ Њус постојано прима жалби од граѓаните. Тие во своите интерни документи им налагаат на новинарите дека во својата работа мора да ги земат предвид жалбите на публиката. Жалбите можат да испратат електронски или по пошта, и јавниот сервис одговара на сите нив. Притисокот да се биде точен, одговорен и професионален е огромен, а за РТЛ Њус транспарентноста е толку важна, што новинарите мораат да ги прикачуваат и своите документи и други докази и факти со цел граѓанинот да може да разбере како се подготвувале вестите и артиклите.

Доколку нашиот јавен сервис одговори на притисокот и барањата на граѓаните, стандардите ќе почнат да растат. Но, за тоа да може да се случи, МРТВ мора да ја понуди оваа опција на транспарентен и иновативен начин.

Дека граѓаните се повеќе се интересираат за етиката во медиумите говори и бројот на пријави од страна на граѓани во Советот на етика, од каде што велат дека тој од година на година се повеќе расте.

„Се согласувам дека Етичката комисија при МРТВ не е доволно видлива, но и тоа како е потребна. Јавниот сервис е исклучително битен во сите земји со високи стандарди во полето на медиумите и новинарството и покрај контролата од постоечките еснафски здруженија, тој треба да си има и сопствен механизам за контрола во почитувањето на Кодексот на новинарите“, вели претседателката на Советот на Етика, Катарина Синадиновска.

 

Оваа публикација е изработена со поддршка на Европскиот фонд за поддршка на демократија (European Endowment for Democracy – EED). Одговорноста за информациите и погледите изразени во оваа публикација се единствена одговорност на авторот и не може да се смета дека го одразува официјалното мислење на ЕЕД.

Фотографија: Томислав Георгиев


David Ilievski, Skopje, 21/11/2019