Регионална платформа: Вонредната состојба не смее да се користи за ограничување на слободата на медиумите

    0
    139

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8.200 членови, ја повикува градската управа на Зрењанин, да не ја злоупотребува сегашната вонредна состојба, а воедно бара од канцеларијата на Основното јавно обвинителство во овој град итно да ја повлече кривична пријава против екипата на КТВ од Зрењанин.

    Во четвртокот, 26.03.2020 година, полицијата од Зрењанин ги уапси новинарот и снимателот на КТВ, откако примила поплака од локалната самоуправа во која било наведено дека новинарската екипа, наводно, одбила да ја спроведе задолжителната процедура за дезинфекција при влегување во зградата на градската управа. Јавниот обвинител тврди дека постои сомневање дека тимот на КТВ извршил кривично дело неисполнување на здравствените регулативи за време на пандемија, поради што новинарите биле ставени во притвор од 48 часа.

    Даница Радиќ, сопственичка на КТВ, тврди дека нејзините вработени биле уапсени под лажни обвиненија и дека вонредната состојба е злоупотребена за да се одмаздат на телевизијата заради неодамна објавениот прилог за сомнителните бизниси за време на градењето на фабриката за вода.

    „На снимките на КТВ се забележува новинар со маска и нараквици, а во исто време е очигледно дека голем дел од вработените и службениците во администрацијата не се правилно заштитени“ – рече Жељко Бодрозиќ, претседател на Независното здружение на новинари на Србија и додаде: „Вонредната состојба и мерките преземени за спречување на пандемијата на COVID-19 не треба да служат како изговор за да се попречуваат новинарите во извршувањето на своите професионални обврски. Напротив, заради сите вонредни околности, неопходно е да се обезбеди слободно известување во интерес на јавноста и безусловно да се обезбедат сите потребни информации за новинарите“.

    Регионалната платформа за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите смета дека овој случај претставува сериозно ограничување на новинарските слободи. Дополнително, загрижени сме заради сериозните тврдења на сопственичката на КТВ дека вонредната состојба се злоупотребува за да се изврши пресметка со медиумите и да се ограничи слободата на известување во интерес на јавноста. Платформата ќе ги информира националните и меѓународните организации кои работат на заштита на слободата на изразување и безбедноста на новинарите и внимателно ќе го следи овој случај до самиот крај.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 27.03.2020 година

    Здружение на новинари во БХ
    Синдикат на медиуми на Црна Гора
    Здружение на новинари на Хрватска
    Здружение на новинари на Косово
    Здружение на новинарите на Македонија
    Независно здружение на новинари на Србија