Регионална платформа: Во неделата беа нападнати двајца новинари во Хрватска

    0
    170

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која претставува повеќе од 8.200 членови, остро ги осудува физичките напади врз новинарката на порталот Далмација, Живана Сусак Живковиќ и снимателката на Н1, Ивана Сиворо, во Сиробуја, предградие на Сплит, Хрватска.

    Двата инциденти се случија на 12 април за време на утринската велигденска миса во црквата во Сиробуја. Живана Сусак Живковиќ беше нападната додека го снимаше собирањето на верниците пред црквата. Прво, таа беше грубо турната во влезната врата на црквата, а потоа некој успеа да и го одземе мобилниот телефон и да го уништи. При овој напад новинарката се здоби со полесна повреда на раката. Сусак Живковиќ го пријави случајот во полиција и побара лекарска помош. Само неколку часа подоцна, пред истата црква се случи уште еден инцидент, кој исто така беше снимен на камера. Во овој наврат беше нападнатa снимателката на Телевизијата Н1, Ивана Сивро. На снимките се гледа како еден маж се движи со своето возило кон снимателката, а потоа забави и ја удри камерата со раката. Двајца мажи беа уапсени во врска со овие инциденти.

    Важно е да се напомене дека непосредно пред овие напади, пасторот на црквата Сиробуја, Јосип Делас, ги навредуваше новинарите со погрдни зборови, a таквиот анимозитет го рефлектираа луѓето собрани на мисата.

    „Зошто немаше полиција пред црквата? Доколку сите собири се забранети, зошто тогаш законот се применува селективно? Тешко е да се поверува дека сплитската полиција не знаела за велигденската миса во црквата Сиробуја. Доколку беше присутна полицијата, овие инциденти немаше воопшто да се случат“, рече Хрвоје Зовко, претседател на хрватското новинарско здружение и додаде: „Иако напаѓачите беа уапсени, а хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ го осуди нападот, сепак, ова не е доволно. Владата мора да обезбеди услови за новинарите да можат безбедно и непречено да ги извршуваат своите работни обврски“.

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите смета дека нападите врз Живана Сусак Живковиќ и Ивана Сиворо претставуваат сериозен напад врз безбедноста на новинарите. Платформата ги поддржува повиците на Здружението на новинарите на Хрватска до владините службеници веднаш да ги осудат нападите во Сиробуја и да ги санкционираат напаѓачите. Исто така, се повикува Католичката црква во Хрватска не само да ги осуди овие напади и да се дистанцира од зборовите на Делас, туку и да ги повика своите водачи и следбеници да се воздржат од вербални и физички напади врз новинарите.

    Во врска со овие два инциденти, Регионалната платформа ќе ги информира домашните и меѓународните организации за заштита на безбедноста на новинарите.

     

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 13.04.2020 година

    Здружение на новинари во БХ
    Синдикат на медиуми на Црна Гора
    Здружение на новинари на Хрватска
    Здружение на новинари на Косово
    Здружение на новинарите на Македонија
    Независно здружение на новинари на Србија