Слободата на медиумите ја рефлектира слободата на општеството

    0
    212

    При одбележувањето на 3 мај, Меѓународниот ден на слободата на медиумите, ги потсетуваме граѓаните од нашиот регион дека слободата на медиумите ја рефлектира слободата на општеството, а владите дека секоја земја мора да ја почитува сопствената заложба за слобода на печатот и да овозможи средина за работа во која новинарите можат да ги вршат нивните работни задачи без страв од цензура, губење на работа, заплашување и без да имаат страв за својот живот.

    Регионалната платформа за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите – SafeJournalists.net – забележа зголемување на различните видови на притисоци и напади во некои од земјите на Западен Балкан, особено во Србија и Босна и Херцеговина. Во 2019 година во нашата база на податоци регистрирани се 134 инциденти во регионот, од кои: 30 напади врз новинари, 42 закани по животот и екстремитетите на новинарите, 40 други видови закани за новинари, 17 напади на медиуми и организации и 5 закани кон нив. Како и во претходните години, злогласниот шампион во 2019 година кога станува збор за заплашување на новинари и медиуми е Србија, со вкупно 67 инциденти, по што следат БиХ со 36 и Косово со 20 забележани инциденти. За жал, загрижувачките трендови забележани од нашата мрежа како и од другите организации за слобода на медиумите во 2019 година, се чини, дека се засилија уште повеќе за време на пандемијата „Covid-19“ – во првите четири месеци од 2020 година беа регистрирани 56 инциденти – 19 напади врз новинари (вклучително и произволни притвори), 10 закани против животите и екстремитетите на новинарите, 19 други видови закани кон новинарите, 5 напади врз медиумите и медиумските организации и 3 закани против нив. Сепак, при проценката на нивото на слободата на медиумите, овие бројки се само дел од контекстот, бидејќи тие не го вклучуваат зголемувањето на разновидноста на политичките, финансиските, институционалните и судските притисоци врз медиумите и новинарите. Ова е причината зошто, од 2020 година нашата мрежа започна со регистрирање на ваков вид на негативни практики.

    Ќе продолжиме да ги следиме и мониторираме ограничувањата на медиумските слободи и загрозувањата на безбедноста на новинарите и да реагираме јавно, со цел надлежните органи да преземат одговорност за небезбедните услови во кои работат новинарите. Ги охрабруваме судските власти да се спротивстават на притисоците и доследно да ги спроведуваат законите, со што ќе се обезбеди слобода на медиумите и поголема безбедност на новинарите. Од друга страна, ги повикуваме новинарите да го почитуваат етичкиот кодекс и стандардите, да ги поддржуваат колегите, да се спротивстават на притисоците и да не контактираат доколку бидат заплашени или нападнати. Освен тоа, ги потсетуваме нашите колеги дека треба да бидат претпазливи со тоа што треба да држат растојание и да носат заштитни маски и други средства кога известуваат од терен со оглед на тековната здравствена криза предизвикана од COVID-19.

    На крај, ги повикуваме граѓаните да застанат зад професионалните медиуми кои известуваат во нивни интерес и да покажат поддршка и солидарност. Ова е особено важно за време на пандемијата бидејќи на дневна основа, новинарите се соочуваат со различни ризици за да донесат навремени, точни и објективни информации што можат да спасат животи. Само земја со слободни медиуми може да биде земја со слободни граѓани и демократско општество.

     

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 03.05.2020 г.

    Здружение на новинари во БХ
    Синдикат на медиуми на Црна Гора
    Здружение на новинари на Хрватска
    Здружение на новинари на Косово
    Здружение на новинарите на Македонија
    Независно здружение на новинари на Србија