SafeJournalists: Обид за опожарување на возилото на косовскиот новинар Кајтази

    0
    259

    Шкумбин Кајтази, новинар од порталот Reporteri.net објави дека непознато лице се обидело да го запали неговиот автомобил, но го спречиле жителите и случајните минувачи.

    На 13-ти јуни Кајтази на својот Фејсбук профил објави дека имало обид за подметнување пожар на неговиот автомобил во Митровица. Локалните жители реагирале, го спречиле сторителот во својата намера и веднаш ја известиле косовската полиција. Тимот за судска медицина пронашол шише со бензин до автомобилот, додека снимките од безбедносната камера на кои се гледа сторителот им биле доставени на надлежните органи. Косовската полиција отвори случај и иницираше истрага класифицирајќи го нападот како обид за подметнување пожар.

    „Мислам дека нападот беше конкретен со специфична цел поврзана со мојата работа. Претпоставувам дека целта беше да ме заплашат, бидејќи јас сум дел од проектот – Reporteri.net и “Jepi zë”  – во кои се вклучени широк спектар на луѓе, како и многу теми за кои пишуваме. Сепак, сè уште не можам да заклучам што навистина се случило или кое било лицето кое се обидело да подметне пожар на мојот автомобил. Но, можам да кажам со сигурност дека немам лични проблеми со никого“, рече Кајтази во изјава за Здружението на новинари на Косово.

    Здружението на новинари на Косово (АЈК), член на мрежата „SafeJournalists“, реагираше навремено, барајќи повеќе информации од косовската полиција. Од нив се бараше итно да се испитаат мотивите за нападот и да се изведат сторителите на овој чин пред лицето на правдата.

    „Ваквите закани се целосно неприфатливи. Тие сериозно ја нарушуваат слободата на изразување и го загрозуваат новинарството во Косово“, рече Гентиана Беголи Пустина, претседател на АЈК и додаде дека ова не е прв инцидент против новинарот Кајтази. „Во 2018 година, тој доби заканувачки телефонски повик. Реагиравме и тогаш, сторителот допрва треба да биде санкциониран и сега Кајтази се соочува со друга сериозна закана. Ова значи дека со не решавање на старите случаи, се поттикнуваат нови напади“, рече таа.

    Мрежата „SafeJournalists“, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, му се придружува на својот член AJK во осудата на обидот за подметнување пожар на автомобилот на Кајтази. Им благодариме на локалните жители што реагираа брзо и веднаш повикаа полицијата. Го поздравуваме брзото отворање на истрагата од страна на косовската полиција и со оглед на тоа што постојат снимки од видео надзорот, очекуваме да се идентификуваат сторителот, како и главниот ум на овој напад.

    Мрежата„ SafeJournalists“ќе ги информира релевантните национални и меѓународни заинтересирани страни за овој случај.

    Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Скопје – Загреб, 15.06.2020 година

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинарите на Македонија

    Здружение на новинари во БХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независно здружение на новинари на Србија

    Синдикат на медиуми на Црна Гора