Права

Права

Заштита на правата и безбедноста на новинарите, како и заштита на слободата на медиумите во целина, бара посветеност и проактивно дејствување не само од здруженија на новинари и синдикатите, медиумите, туку и од одделни новинари, уредници, сниматели, фото репортери и други медиумски професионалци. Знаењето кои права и слободи се загарантирани за новинарите и медиумските работници во согласност со националното законодавство во земјите од Западен Балкан, како и меѓународните акти и конвенции, е императив за зачувување и заштита на слободата на медиумите.Правата на новинарите и на слободата на медиумите се дел од член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи:

“Секој има право на слободно изразување. Ова право ја вклучува слободата на мислење и слободата на добивање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите да бараат лиценци за радиодифузија, телевизиски пренос и кината.

Бидејќи во себе носи должности и одговорности, остварувањето на овие слободи може да биде предмет на такви формалности, услови, ограничувања или казни кои што се пропишани со закон и се неопходни во едно демократско општество, а се во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност за да се спречат нередите или криминалот, за  да се заштити здравјето или моралот, за да заштити угледот или правата на другите, за да се  заштити од откривање на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството “.

Економски притисок врз медиумите

Економската одржливост и независноста на медиумите не може да биде загрозена ниту од државата, ниту од јавните или приватните компании или организации. Заканите со економски санкции се неприфатливи во демократските општества и државата мора да ги заштити медиумите од економските притисоци и / или обидите за “уцена” преку јавно финансирање, маркетинг или платена реклама. Приватните компании треба да ја почитуваат независноста на медиумите и да се воздржат од притисок или поместување на границата меѓу новинарството и рекламирањето.

Забрана за цензура

Цензурата треба да биде стриктно забранета. Независното новинарство во сите медиуми мора да биде ослободено од прогон, политички притисоци или регулаторно мешање на јавните власти. Печатените и онлајн медиуми треба да бидат ослободени од обврската да добијат државни лиценци.

Судска заштита на новинарите

Сите земји треба да се осигураат дека медиумите и нивната работа ужива целосна заштита од независното судство и органи. Новинарите и другите медиумски професионалци мора да бидат заштитени од физички напади и малтретирање. Судските власти треба темелно да ги испитаат и да ги санкционираат сите такви прекршоци и закани за насилство.

Слобода на сатира

Користење на сатира во новинарството е сосема легитимна форма на изразување. Хуморот и сатирата се заштитени со членот 10 од Конвенцијата со кој им се овозможува на медиумите да претераат, па дури и да предизвикуваат, се додека јавноста не е доведена во заблуда.

Згора на тоа, улогата на медиумите не е само да ја информира јавноста – со плуралната демократија и слободата на политичката дебата, се претпоставува информирање на јавноста за сите прашања од јавен интерес, вклучувајќи го и правото на медиумите да објават негативни информации и да ги критикуваат политичарите и јавните службеници, како и правото на јавноста да биде информирана. Како резултат на тоа, новинарите и медиумите имаат легитимно право да објавуваат информации за јавните личности и службените лица кои се “шокантни”, “вознемирувачки”, па дури и “навредливи” доколку му служат на јавниот интерес и правото на јавноста да биде информирана за сите прашања, вклучувајќи ги и оние кои се контроверзни.

Авторски права

Одговорните новинари и медиумите треба да ги почитуваат правата на авторите чии дела ги користат без разлика дали се тоа авторски права или други права. Ова се основните права за заштита на било какви креативни и интелектуални напори. Тие обезбедуваат поддршка на авторите во форма на признание или приходи од авторски права и обезбедуваат гаранција дека нивната работа ќе биде заштитена од неовластено дуплирање. Правата на авторите се заштитени со Законот за авторски и сродни права, како и новинарите со Кодекси на етика и однесување за медиуми и новинари, кои на сопствениците им даваат право да дозволат или забранат копирање на нивната работа.

Во стварноста, овие дела не уживаат соодветна заштита од медиумите затоа што честопати се дистрибуираат, употребуваат и се презентираат на јавноста на начин кој ги крши авторските права. Медиумите може да користат резиме и цитати од разумна должина, материјали од други публикации и други носители на авторски права без дозвола под услов да се цитираат како извор. За секое значително користење на материјалот или репродукција на авторските права потребна е експлицитна дозвола на сопственикот на авторските права, освен ако дозволата за авторски права е веќе дадена во самиот материјал.

Нарушување на приватноста за јавно добро

Приватниот и семејниот живот на политичарите и јавните службеници не смее да биде предмет на известување на медиумите, бидејќи со тоа ќе се наруши член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Сепак, информациите за нивните приватни животи можат да бидат откриени ако истите се директно поврзани со извршувањето на нивните јавни обврски, без непотребна штета на трети лица (деца или други членови на семејството).

Кога станува збор за нарушување на приватноста на политичарите или јавните службеници за доброто на јавниот интерес, “јавен интерес” треба да се сфати како “акции и / или информации кои треба да и помогнат на јавноста да формира мислење или да донесе одлуки во врска со одредени прашања или настани, вклучувајќи го и откривањето на кривични дела или прекршоци и да се спречи јавноста да биде заведена преку изјавите или постапките на поединци или организации. “Новинарите и уредниците треба да го проценат јавниот интерес врз основа на секој случај посебно пред се откријат лични информации.

Слично на ова, кога политичарите или јавните личности го привлекуваат вниманието на некои аспекти од својот приватен живот, медиумите имаат право да известуваат за тоа и да ја информираат јавноста. Во случаи кога луѓето кои се изложени на надзор и кои се соочуваат со лични трагедии, медиумите треба да покажат обѕир и да му пријдат на ова прашање со должно сочувство и дискреција.

Доверливоста на новинарските извори и материјали

Доверливоста на новинарските извори и правото на новинарите да ги користат неименувани извори мора да се почитува. Полициските пребарувања на канцеларии или други медиумски објекти, прислушувањето на комуникација со цел да се откријат изворите или да се загрози доверливоста на уредувачкиот процес се неприфатливи во демократските општества.

Дури и кога ќе се обидат да ја заштитат безбедноста на новинарите, агенциите за спроведување на законот или судските институции не смеат да им наредат на медиумските професионалци да предадат информации или материјали (на пример, белешки, фотографии, аудио или видео снимки) стекнати за целите на известувањето во ситуација на криза, ниту пак смеат да го одземат овој материјал и да се искористи во судска постапка. Секое отстапување од овие принципи ќе претставува прекршување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права и релевантната судска пракса на Европскиот суд за човекови права.

Слободата да се критикува јавни службеници

Слободата да се критикуваат јавни службеници им дава можност на новинарите и медиумите да ја разгледуваат работата на јавните службеници и јавни личности во целина. Политичарите, државните службеници и други јавни личности “доброволно” се одлучуваат да ја заслужат довербата на јавноста и да се изложат себе си на јавна политичка дебата. Затоа, тие се предмет на јавен надзор и потенцијално може да остро се критикуваат од медиумите за начинот на кој тие ги извршуваат своите должности. На тој начин, медиумите дејствуваат како јавни чувари и придонесуваат кон транспарентноста и отчетноста на јавните власти и го штитат правото за политичката дебата и правото на граѓаните да разговараат за сите прашања кои влијаат на нивните животи. Политичарите не треба да бидат заштитени од критики повеќе од кој било друг, а новинарите и медиумите не треба да се соочуваат со сериозни санкции за критичките коментари или изложување на јавните и политичките личности на јавна контрола. Овој принцип важи и за државните службеници; исклучоци може да се направи само во ограничен број на случаи кaде што ова дејство се меша во работата на државните службеници (на пример, во судството).

Права за работен однос

На новинари и медиумски професионалци, како и на останатите вработени им се гарантираат основните права за работен однос. Индивидуалните права за работен однос се: правото на работа, заштита од дискриминација, заштита при работа, соодветни услови за работа, праведен надоместок, правото на здружување во синдикати, право на колективно преговарање, право да бидат информирани и консултирани и посебна заштита на одредени категории на работниците: деца и млади луѓе, жени, припадници на ранливи или малцински групи, работниците мигранти и др.

Индивидуалните права за работен однос се заштитени преку разни прописи, пред се Законот за работни односи со кој се предвидува дека работодавците треба да склучат договор за вработување со новинарите и медиумските професионалци и да се обезбеди пензиска и здравствена заштита, да се придржуваат кон законските одредби кои го регулираат максималното работно време, да им се даде на вработени платен годишен одмор , да се плати договорената плата, односно да се гарантираат сите права кои другите вработени граѓани ги уживаат.

Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер

Правото на слободен пристап до информации од јавен акрактер се смета за главен фактор во градењето на едно демократско општество во кое правото на јавноста да биде информирана е дефинирана како врвен принцип на работа на владата на сите нивоа. Таа се потпира на принципот кој вели дека објавувањето на информации кои се во сопственост на јавните институции е правило, а необјавувањето е исклучок. Новинарите и медиумите имаат право на непречен пристап до сите информации и извори на информации, вклучувајќи ги и оние во странство.

Институциите што се под контрола на државата, се обврзуваат (националните закони и / или прифаќање на меѓународните конвенции) дека на новинарите и медиумите нема да им го ограничуваат пристапот до информации од јавен карактер, и ќе ги подржат во нивната задача на собирање и потрага по информации. Иако тоа не е “резервирано” само за новинарите, туку и и за сите останати граѓани, правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е од големо значење за новинарската професија, бидејќи тоа претставува основа за слободно општество, слободни медиуми и слободни новинари, кои со уживање на ова право придонесуваат во процесот на градење на транспарентна и одговорна владата, како и промовирање на учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на јавние инситуции.

Правото на слобода на изразување

Со правото на слобода на изразување се подразбира: правото на сопствено мислење, правото да се добијат информации и идеи, правото да се разменуваат / шират информации и идеи и правото на слободно новинарско истражување.

Слободата на мислење е основен услов за сите други слободи и ужива апсолутна заштита. Слободата да се даваат информации и мислења е важен аспект на политичкиот живот на сите земји и нивните граѓани. Право да добијат информации и идеи е правото да се соберат и да се побараат информации преку сите можни законски извори и се однесува на слободата на печатот / медиумите, вклучувајќи ја слободата на печатење и дистрибуција на весници и други печатени публикации, слободата да се емитуваат радио и телевизиски програми, слободата да се објавуваат содржини на интернет, како и на должностите и одговорностите на сите кои учествуваат во овој процес.

Во своето толкување на членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, Европскиот суд за човекови права го прошири правото на слобода на изразување и ја вклучи не само слободата на објавување, туку и слободата на истрагата, која е од клучно значење за истражувачко новинарство.

Правото на новинарите и медиумите да собираат, истражуваат и да доставуваат информации не треба да биде загрозено или да биде предмет на ограничувања или санкции. Стандардите на ЕУ за слобода на изразување бара владите да ја промовираат, заштитат и почитуваат слободата на изразување, разновидноста на медиумите и нивната политичка, културна и општествена мисија.