СКОПЈЕ, 23.11.2017 – Здружението на новинари на Македонија и Институтот за општествени и хуманистички науки, вчера во Клубот на новинари ја презентираа анализа за ефектите од примената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз уредувачката слобода. Анализата е изработена од експертски тимови на Институтот и ЗНМ во рамките на проектот финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Директорката на Институтот за општествени и хуманистички науки, Катерина Колозова, презентирајќи ги наодите од анализата рече дека Законот за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е премногу детализиран, до инфантилизирање, до карикатуралност, да се одредува која програма кога да се емитува.
„Со законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се ограничува слободата на изразувањето и, уште повеќе, ќе се воведе цензура и автоцензура во медиумите. Одредбите од законот се доказ на феноменот на „заробена држава “, истакна Колозова и додаде дека преку прекумерна законска регулација ѝ се овозможува на извршната власт прекумерна контрола врз медиумите.
„Најважниот заклучок од оваа анализа е дека во Македонија постои прекумерна регулација на приватните радиодифузни медиуми. Државата премногу се меша во креирање на програмата на приватните медиуми, која негативно се одразува на уредувачката слобода, квалитетот на програмата и финансиската кондиција на медиумите“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Селмани објасни дека втор заклучок од анализата е дека професионалната етика на медиумите треба да иде објект на саморегулација, а не тоа да се наметне од државата со закони и казни.
Тој збореше и за последната нацрт верзија на законот за АВМУ, со која Владата сака да го има монополот на вистината. „Ако помине овој член, власта во иднина ќе ја утврдува вистината во медиумите. Тој ќе има застрашувачки негативни ефекти врз слободата на говорот и слободата на медиумите. Исто така, ќе ја засили постојната самоцензура и ќе ја задуши критиката во медиумите“, истакна Селмани.
Запрашан во врска со финансирањето на МРТ, Селмани истакна дека 0.7 проценти од буџетот за финансирање на МРТ се недоволни средства за нормално функционирање на јавниот сервис.
Според него, многу е важна соработката меѓу граѓанскиот сектор и медиумските организации. „Вклучувањето на граѓанскиот сектор во дебатата за слободата на говорот, ни е ветер во грбот за решавање на постоечките проблеми во медиумскиот сектор“, нагласи Селмани.