Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која претставува повеќе од 8.200 членови, изразува сериозна загриженост за отпуштањето на повеќе од 20 новинари и медиумски работници кои со години работеле во весникот „Зери“ во Косово. Меѓу оние кои се отпуштени има тројца новинари и еден уредник, а според нашите колеги, две од новинарките се бремени.
Новинарите биле известени за престанокот на нивниот работен однос преку електронска пошта испратена од директорот на медиумот, Шпенд Добрања. Добрања изјавил дека во последните неколку месеци весникот „Зери“ се соочил со финансиски потешкотии заради ниските приходи од рекламирање и опаднатата продажба на весници, поради што бил приморан да ја донесе оваа одлука.
Во писмото кое еден од новинарите на весникот „Зери“ го испратил до Здружението на новинарите на Косово (АЈК) пишува: „Клаузулата за известување за отказен рок од 15 дена не беше испочитувана. Бевме известени на 31 март, додека некои од нашите колеги го добија известувањето на 01 април, додека беа на своите работни места. Уште позагрижувачко е што две наши колешки се бремени. Ова е директно кршење на законот“.
„По добивањето на веста Здружението на новинарите на Косово веднаш побара одговор од директорот на весникот „Зери“, но до овој момент, АЈК сè уште нема добиено одговор за законските процедури според кои Добрања решил така да постапи“, рече Гентиана Беголи Пустина, претседател на Управниот одбор на AJK. „Ова е сериозно прекршување на работничките права и за да биде уште полошо, ова се совпадна со пандемијата COVID-19. Знаејќи ги веќе тешките околности во кои работат новинарите, по трет пат го прашавме Министерството за финансии дали новинарите ќе бидат вклучени во итните фискални пакети на косовската влада. Зал, сè уште немаме одговор на ова прашање“, истакна таа.
Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се придружува на повиците на АJК кон Трудовиот инспекторат за итно да го истражи овој случај и го повикува надлежниот орган да обезбеди мерки што ќе им помогнат на медиумите за време на пандемијата. Платформата апелира до сите директори на медиумите да не го прекршуваат законот и да ги третираат нашите колеги со почит, со оглед на тоа што тие се ставаат во опасност со известувањето за време на оваа пандемија. Платформата ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни институции за овој случај.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 03.04.2020 година
Здружение на новинари во БХ
Синдикат на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Независно здружение на новинари на Србија