SafeJournalists : Српската новинарка Бојана Павловиќ малтретирана пред очите на полицијата

SafeJournalists : Српската новинарка Бојана Павловиќ малтретирана пред очите на полицијата

Бојана Павловиќ, новинарка од истражувачкиот портал КРИК, била запрена од полицијата, откако објавила фотографија од Данило Вучиќ, синот на Александар Вучиќ, претседател на Србија во друштво на маж за кој се претпоставува дека е член на криминална банда. Непозната личност и го одземала нејзиниот телефон, а притоа била опкружена со мажи кои ја заплашувале. Полицијата го напуштила местото на настанот оставајќи ја незаштитена.

На 10-ти јуни, Павловиќ го фотографирала Данило Вучиќ како седи во кафуле со Александар Видојевиќ, во моментот на судење за учество во уривање на ноќен клуб и, како што објави КРИК, идентификуван како припадник на групата организиран криминал од страна на полицијата. Додека таа заминувала, тројца мажи ја запреле Павловиќ велејќи дека се полицајци. Таа им приложила новинарска идентификација, објаснувајќи дека е на должност, но и било кажано да чека патрола на полицијата, бидејќи најверојатно ќе биде приведена. Мажите побарале од неа да ги избрише снимките, што ги направила, откако веќе ги испратила фотографиите до КРИК. Двајца мажи и се приближиле, од кои едниот насилно и го земал телефонот од раце. Полицијата не реагирала. Павловиќ рече дека во еден момент била опкружена со пет мажи и ги замолила да се оддалечат бидејќи се чувствува загрозена и небезбедна. Видојевиќ, придружуван од друго лице, пристапил кон групата и полицајците заминале, оставајќи ја сама со четворица мажи. Видојевиќ му наложил на човекот да го врати мобилниот телефон, тој го сторил тоа и тие заминале.

Во изјавата Павловиќ рече дека се надева дека полицијата ќе реагира по овој инцидент и додаде: – Она што навистина сакам да го знам е зошто останав таму, опкружена со мажи за кои пишувам веќе две години, сама ли треба да се заштитам себеси?

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), член на мрежата „SafeJournalists“, побара од државните власти итно да ги идентификуваат лицата што ја запреле Павловиќ и оние кои ја одземале нејзината опрема. – Ова не е првпат новинарите на КРИК да се соочат со заплашувања. Ние инсистираме да се идентификуваат сите лица вклучени во овој инцидент. Ако мажите биле полицајци, зошто не реагирале по одземањето на телефонот и што е уште поважно, зошто заминале кога некое лице со големо криминално досие се приближувало до Павловиќ? – прашува Жељко Бодрозиќ, претседател на НУНС и додаде дека е разочарувачки што нападот врз Павловиќ се случи кога Србија ја одбележува 19-годишнината од нерешено убиство на Милан Пантиќ. – Ова, а и другите инциденти против новинарите се резултат на години на неказнивост за злосторства против нив. Не решавањето на постарите случаи на напади врз новинарите поттикнува нови.

Мрежата „SafeJournalists“, која претставува повеќе од 8.200 новинари од  Западен Балкан, му се придружува на нејзиниот член НУНС во барањето на целосна истрага за овој случај. Јавноста мора да биде информирана за своите откритија и чекорите преземени против сторителите. Доколку лицата кои ја застанале Павловиќ биле полицајци, бараме појаснување за нивното однесување. Павловиќ рече дека не постапиле по одземање на нејзиниот телефон и ја оставиле опкружена со мажите за кои пишувала, од кои некои се познати на полицијата за нивното криминално однесување.

Мрежата „SafeJournalists “ ќе ги информира релевантните национални и меѓународни заинтересирани страни за овој случај.

Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 11.06.2020 година

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинарите на Македонија

Здружение на новинари во БХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независно здружение на новинари на Србија

Синдикат на медиуми на Црна Гора