SafeJournalists: Недозволиво однесување на судските органи во случај на напад на новинар во Црна Гора

SafeJournalists: Недозволиво однесување на судските органи во случај на напад на новинар во Црна Гора
slika: canva

Мрежата SafeJournalists е загрижена за несоодветното постапување на правосудните органи во случајот со нападот на новинарката на весникот ,,Вијести” Јадранка Четковиќ, кој се спроведува истовремено пред судот за прекршоци во Бијело Поље и пред Вишото државно обвинителство. Двeте тела одлучуваат по жалбата на оштетениот. Со ова на новинарот му е ускратена соодветна кривична заштита, согласно релевантните закони на Црна Гора.

Нападот на новинарката Јадранка Четковиќ се случи во јуни додека таа се обидуваше да си ја заврши работата. Случајот бил пријавен во полиција и Основното обвинителство одлучило дека нема кривично дело. По приговорот на адвокатот на оштетената новинарка, Вишото обвинителство го прифати приговорот и предметот го врати на повторно одлучување во Основното обвинителство.

Во меѓувреме, Основното државно обвинителство во Бијело Поље поднесе барање до Судот за прекршоци за поведување прекршочна постапка за истиот настан и против истиот осомничен. Потоа, Основното обвинителство повторно донело решение за одбивање на кривичната пријава, а полномошникот на оштетениот повторно поднел претставка до Вишото државно обвинителство за да се испита новото решение за одбивање на кривичната пријава. Во времето кога Вишото обвинителство одлучуваше по жалба на ваквата одлука, Судот за прекршоци закажа рочиште за истиот предмет.

Откако Основното државно обвинителство во Бијело Поље побара одложување на рочиштето, поради тоа што постапката пред надлежното обвинителство се уште не е завршена, Судот за прекршоци во Бијело Поље го одби ваквиот предлог, доказната постапка ја спроведе експедитивно и ја заврши расправата.

За ситуацијата да биде уште поапсурдна, Синдикатот на медиуми на Црна Гора добил известување од Вишото обвинителство дека ја прифатиле втората жалба, а обвинителот згрешил кога оценил дека се работи само за прекршок. Ова води до фактот дека истиот случај во моментов е и прекршочно и кривично дело, што испраќа многу лоша слика за вистинската заштита во Црна Гора.

Претседателот на Синдикатот на медиуми на Црна Гора Радомир Крацковиќ рече: „Случајот на колешката Јадранка Четковиќ ја покажа неспособноста на надлежните органи да обезбедат вистинска заштита на нападнатите новинари. Залудни се нашите напори да ја зајакнеме кривичната заштита кога имаме ситуација кога за ист случај одлучуваат различни органи во исто време, чии одлуки меѓусебно се исклучуваат“, рече Крачковиќ. Синдикатот на медиуми на Црна Гора во оваа прилика ќе побара одговорност од сите засегнати страни, бидејќи резултатот од нивната работа може да биде крај на случајот без соодветна заштита на жртвата на насилство.

Мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци од Западен Балкан, се придружува на својата членка ТУММ во осудата на ваквата работа на судските органи и бара одговор од сите кои учествувале во постапката, како и решение за случајот на новинарката Јадранка Четковиќ. Дополнително, мрежата SafeJournalists смета дека со ваквото однесување се прекршени некои од основните професионални стандарди, како и важечките материјални и процесни норми на кривичното и прекршочното законодавство.

SafeJournalists мрежата ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овие случаи.

Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

 

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб – Тирана, 11.10.2022

 

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на БиХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независното здружение на новинари на Србија

Синдикатот на медиуми на Црна Гора