Новинарски екипи на ,,Kallxo.com” и ,,РТВ Дукаѓини” беа нападнати додека известуваа за настаните во северниот дел на Митровица на 9-ти и 10-ти декември.
Новинарката Шкодране Дакај и продуцентот Валдет Салиху од ,,Kallxo.com” беа нападнати од група маскирани локални жители на 9-ти декември додека возеле автомобил. Следната вечер, додека новинарката Дорунтина Биликабаши од ,,РТВ Дукаѓини” известувала во живо, до неа била фрлена експлозивна направа.
Според Здружението на новинарите на Косово, вториот напад, кој се случил во близина на екипата на РТВ Дукаѓини, ги загрозил и другите медиумски работници, оние на Т7, АТВ, РТК, Клан Косова и КТВ, кои известувале на истото место.
Претседателот на Управниот одбор на Здружението на новинарите на Косово, Џемајл Реџа, ја изрази својата загриженост, имајќи го предвид интензивирањето на нападите врз новинарите на северот. „Од почетокот на последната епизода на тензии во северниот дел на Косово, сведоци сме на три напади врз ТВ екипи од Приштина. Ова е многу проблематичен тренд и стравуваме за безбедноста на десетици наши колеги кои известуваат од овој дел на државата“, рече Реџа. „Повторно ги повикуваме оние што протестираат да ја почитуваат работата на медиумите, а исто така ја повикуваме косовската полиција да биде внимателна и да им понуди на новинарите безбедно опкружување да ја вршат својата работа. Ги повикуваме и ЕУЛЕКС и КФОР да помогнат во обезбедувањето безбедност за сите“.
Мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка Здружението на новинарите на Косово, во осудувањето на овие случаи и ги повикува надлежните тела да ја гарантираат безбедноста на новинарите, особено во деликатни времиња.
Дополнително, ги повикуваме одговорните институции да ги расветлат сите случаи на напади врз новинари кои се случуваат на Косово, бидејќи секој случај што поминува неказнето води до повеќе злосторства кон новинарите.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за најновите случаи.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Скопје – Загреб, 13.12.2022
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независното здружение на новинари на Србија
Синдикатот на медиуми на Црна Гора