SafeJournalists и MFRR: Итна потреба од брза и темелна истрага за инвазивниот надзор врз новинарите и нивните извори од страна на разузнавачките и полициските служби во Србија

SafeJournalists и MFRR: Итна потреба од брза и темелна истрага за инвазивниот надзор врз новинарите и нивните извори од страна на разузнавачките и полициските служби во Србија

Партнерите на Media Freedom Rapid Response (MFRR) се приклучуваат кон мрежата SafeJournalists (SJN) во изразување сериозна загриженост за откритијата во форензичката анализа на Amnesty International, која ја разоткрива инвазивната употреба на шпионски софтвер и други дигитални алатки од страна на српските разузнавачки служби и полицијата за хакирање на телефоните на новинари во рамките на тајна кампања за надзор. Овие алармантни откритија се случуваат во период на зголемени закани кон новинарите во Србија.

Во извештајот на Amnesty International под наслов „Дигитален затвор: Надзор и сузбивање на граѓанското општество во Србија“, објавен на 16 декември 2024 година, беше откриено дека мобилните форензички производи од израелската компанија Cellebrite се користат од српските власти за извлекување податоци од телефоните на новинари и активисти. Дополнително, српскиот шпионски софтвер „NoviSpy“ бил развиен за заразување на уредите и прибирање доверливи информации, вклучително и листи на контакти, кои потоа биле испраќани на сервер контролирано од владата.

Според Amnesty International, технологијата на Cellebrite, која широко ја користат полициските и разузнавачките агенции ширум светот за отклучување уреди и пребарување на докази, ѝ била дадена на Србија во 2019 година како дел од пакет за помош за исполнување на барањата за интеграција во ЕУ. Amnesty International побара коментари од српската влада пред објавувањето на извештајот, но не доби одговор.

Меѓу бројните сведоштва собрани со придонесот на BIRN од активисти и новинари чии телефони биле хакирани за време на задржувања и испрашувања од српската полиција е и случајот на новинарот Славиша Миланов од порталот FAR. На 21 февруари 2024 година, Миланов патувал кон градот Пирот кога бил уапсен и однесен во полициска станица под изговор за алкотест. Откако пристигнал во полициската станица, му било наредено да го остави телефонот и личните предмети на полицискиот прием.

„По неговото ослободување, Славиша забележал дека неговиот телефон, кој го оставил во полицијата за време на испрашувањето, изгледа како да бил манипулиран, а податоците на телефонот биле исклучени. Форензичката анализа на Amnesty потврди дека производот UFED на Cellebrite бил користен за тајно отклучување на телефонот на Славиша за време на неговото задржување“, се наведува во извештајот.

Ги повикуваме српските власти да спроведат темелна, непристрасна и независна истрага за наводната употреба на шпионски софтвер против новинари, што е забрането како кривично дело според српскиот Кривичен законик. MFRR конзорциумот ја повикува владата да ги зајакне заштитите за слободата на изразување, приватноста и изворите на новинарите, како што е загарантирано со меѓународното право за човекови права.

Според ЕУ-препораката од 2023 година за истрага на употребата на шпионски софтвер како Pegasus, таквата употреба од страна на органите на редот треба да биде дозволена само во исклучителни случаи и за ограничен период. Податоците на новинарите треба да бидат заштитени од надзор, освен ако не постојат докази за кривични активности.

Партнерите на MFRR и SafeJournalists се приклучуваат на повикот на Amnesty до клучните институции на ЕУ да дадат приоритет на развивање рамка за справување со заканите од шпионски софтвер и за кандидатките за членство во ЕУ. Ова треба да вклучи строги механизми за одговорност и ЕУ-забрана за производство, извоз и користење на шпионски софтвер.

Ниту еден „дигитален затвор“ не смее да биде дозволен за репресија и замолчување на новинарите и претставниците на граѓанското општество.

Потпишано од:

 

Media Freedom Rapid Response

The European Federation of Journalists (EFJ)

European Centre for Press and Media Freedom (ECPMF)

Free Press Unlimited (FPU)

International Press Institute (IPI)

OBC Transeuropa (OBCT)

ARTICLE 19 Europe

  • SafeJournalists Network
  • Здружение на новинари на Косово
  • Здружение на новинари на Македонија
  • Здружение на новинари на БиХ
  • Хрватско здружение на новинари
  • Независно здружение на новинари на Србија
  • Синдикат на медиуми на Црна Гора