Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, остро го осудува нападот врз новинарката на Слободна Далмација, Андреа Топиќ. Слободна Далмација објави дека Топиќ била нападната од четворица мажи во четвртокот, на 23 јануари 2020 година, додека го фотографирала имотот на Милан Кујунџиќ, хрватски министер за здравство, во Иванбеговина.
„Ми рекоа да се тргнам и дека нема што да снимам таму. Првиот човек рече дека тој е братучед на министерот Кујунџиќ. Тој ме препозна – знаеше дека сум новинар. Го препознав и јас, бидејќи претходно го снимав овој објект“, рече Топиќ и додаде дека мажите започнале да и се закануваат, па таа побегнала во својот автомобил. Мажите брзо го опколиле автомобилот и продолжиле да ја заплашуваат викајќи, ја снимале, седеле на автомобилот и го треселе од страните. Според Топиќ, заплашувањето траело околу половина час. Нејзиниот уредник повикал полиција и кога полицијата пристигнала мажите негирале сè и покрај тоа што Топиќ го снимила целиот инцидент.
„Хрватското здружение на новинари (ХНД) остро го осудува овој одвратен напад врз колешката Андреа Топиќ, која само ја вршеше својата работа во интерес на јавноста. Нападот е последица на непријателската атмосфера во Хрватска каде вината за сè им се префрла на новинарите. Ваквата работна средина е неприфатлива во која било земја, а уште помалку во земја членка на ЕУ која претседава со Советот на Европската унија“, рече претседателот на ХНД, Хрвоје Зовко по бруталниот напад врз новинарката Топиќ.
Регионалната платформа го поддржува ХНД во нивните напори да ги заштити новинарите при вршењето на нивните работни обврски. Бараме сторителите на нападот да бидат казнети, а на новинарите да им се гарантираат безбедни услови за работа. Платформата ќе ги информира сите европски институции за овој инцидент и ќе побара нивна интервенција во областа на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во регионот на Западен Балкан.
Секој напад врз новинар е напад врз јавниот интерес, демократијата и човековите права.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 28.1.2020 година.
Здружение на новинари во БХ
Синдикат на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Независно здружение на новинари на Србија