Регионалната платформа: Faktor.ba под закани и притисоци за отстранување на објавен текст на нивниот портал

Регионалната платформа: Faktor.ba под закани и притисоци за отстранување на објавен текст на нивниот портал

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која претставува повеќе од 8.200 членови, остро го осудува упадот во просториите, како и заканите и притисоците упатени кон новинарите и уредниците на порталот Faktor.ba, од лица блиски до познат криминалец во БиХ.

На 14-ти април две жени влегле во просториите на Faktor.ba, заканувајќи се и пцуејќи ги вработените. Тие биле незадоволни од написот на порталот за подметнувањето пожар и пукање од непознати лица во сараевската населба Врача што се случиле претходната ноќ. Нивното барање да се отстрани споменатата статија било одбиено од страна на медиумот. Кратко потоа, во медиумот добиле телефонски повик од лице, познато на полицијата како повеќекратно осуден за различни престапи. Тој се заканил дека ќе дојде со својот адвокат во просториите на медиумот.

Faktor.ba напомена дека овие закани ги сфаќаат многу сериозно бидејќи доаѓаат од лице блиско до осуден криминалец. „Ги пријавивме во сараевската полиција и ги доставивме доказите. Полициската патрола дојде брзо во нашите простории и дејствуваше професионално за целото време и ни зедоа изјава“- извести редакцискиот тим на Faktor.ba. „Останува прашањето: како може едно лице, осудено за водење криминална група одговорна за 128 кривични дела, вклучително и пукање кон полициски службеници, да биде слободно и притоа да врши притисок врз медиумите?“, се вели во нивната реакција.

„Ја поздравуваме брзата и професионална реакција на полицијата во кантонот во Сараево и бараме сите релевантни институции да спроведат итна истрага за овој случај и да ги гонат одговорните лица во согласност со законот“, рече Борка Рудиќ, генерален секретар на Здружението на новинари во БиХ. „Нападите врз професионалните новинари се неприфатливи во едно демократско општество, тие се сериозна закана за слободата на изразување и безбедноста на новинарите. Ова е причината зошто нашето здружение ги повикува парламентарците на државно ниво да усвојат амандмани на кривичните закони што би ја унапредиле криминалната политика во врска со нападите врз новинарите што е можно поскоро“, рече таа.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се придружува во осудата на овој инцидент и очекува професионален пристап од сите релевантни институции при расчистување на истиот. Загрижувачки е фактот што осомничениот е познат криминалец и ја споделуваме загриженоста на нашиот партнер за неказнивоста и благите санкции против оние лица кои напаѓаат новинари. Државата, на сите нивоа, мора да испрати јасна порака дека нападите врз новинарите, медиумите и слободата на изразување не треба и нема да се толерираат.

 

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 16.04.2020 година

Здружение на новинари во БХ
Синдикат на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Независно здружение на новинари на Србија