Подгорица, 06.01.2019 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, бара итно да се пушти од притвор црногорската новинарка, Ангела Ѓикановиќ и сите евентуални постапки против неа да се водат додека е таа на слобода.
Ѓикановиќ беше приведена, а подоцна и задржана во притвор до 72 часа со одлука на обвинителството под сомнение дека сторила кривично дело предизвикување паника и неред, откако објавила дека 250 припадници на РОСУ, специјална косовска единица, ќе бидат на располагање на црногорската полиција за време на верскиот празник Бадник. Брзо откако беше објавена веста Владата на Црна Гора се јави со демант и ги отфрли тие тврдења. ФОС Медија, чиј главен уредник е Ѓикановиќ, ја повлече веста околу еден час по објавувањето и јавно се извини за сторената грешка.
Вечерта на 05 јануари таа беше приведена и се уште се наоѓа во притвор. „Сметаме дека апсењето и приведувањето на новинарката е преостра реакција од страна на црногорското обвинителство и бараме таа веднаш да биде ослободена, а доколку против неа се покрене постапка тогаш бараме да и се овозможи да се брани од слобода. Во Црна Гора деновиве владее тензична атмосфера, а апсењето на новинарите нема да придонесе за нејзино намалување“, рече претседателката на црногорскиот синдикат на медиумите, Маријана Цамовиќ.
Регионалната платформа смета дека е недозволиво да се апсат новинари, а особено во овој случај, каде треба да се напомене дека Ѓикановиќ ја повлече веста веднаш откако беше демантирана, односно еден час по нејзиното објавување, што е прекраток период за да се предизвика паника во Црна Гора. Исто така, таа веднаш се извини за неточната информација и на тој начин покажала дека воопшто не и била намерата да предизвика паника и нереди.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 06.01.2020 г.
Здружение на новинари во БХ
Синдикат на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Независно здружение на новинарите на Србија