Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, остро ги осудува заканите и навредите кон Мери Јордановска, уредник во А1он.мк и уредничката во ТВ Алфа, Искра Коровешовска испратени од лицето Емил Јакимовски.
Двете жени новинарки добија заканувачки пораки преку интернет од Јакимовски минатата недела и тоа беше пријавено во полиција. Според пораките објавени од Јордановска, тој се заканил дека „ќе ја искреира на некролог“ ја нарекол „Сороспија“ и користел друг говор за родова дискриминација кон неа. Како што изјави Коровешовска, слични закани и навреди биле испратени и до неа.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски ги осуди овие закани и ги повика надлежните институции да го истражат случајот. „Комунициравме со Министерството за внатрешни работи и тие ветија дека ќе ги расчистат овие закани против двете новинарки. Го повикувам Јавното обвинителство да преземе активна улога и брзо да ги истражи овие закани со цел да се спречат слични случаи во иднина“, рече Чадиковски.
„Она што загрижува во двата случаи е дека овие закани содржат елементи на родова дискриминација“, рече Чадиковски и додаде дека ваквиот притисок врз жените новинарки е сериозна пречка за слободата на изразување, слободата на медиумите и правото на граѓаните да бидат информирани.
Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите го поддржува Здружението на новинарите на Македонија во неговите напори да ги заштити новинарите и слободата на говорот и ги осудува заканите и навредите кон двете новинарки. Ги повикуваме надлежните институции да реагираат соодветно и јасно да ги осудат заканите кон Јордановска и Коровешовска. Платформата ќе испрати писма за загриженост до сите релевантни органи во Северна Македонија, барајќи од нив итно и темелно да ги истражат сите факти за овие два случаи и да започнат да постапуваат соодветно.
Нападите и заканите кон новинарите претставуваат директен напад врз слободата на изразување и правото на граѓаните да бидат информирани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 15.01.2020 г.
Здружение на новинари во БХ
Синдикат на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Независно здружение на новинарите на Србија