Регионална платформа: Да престанат нападите врз новинарите

Регионална платформа: Да престанат нападите врз новинарите

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, бара црногорската полиција и обвинителите да престанат да апсат новинари во таа земја под изговор дека шират паника со објавување на лажни вести. Во исто време, го осудува и физичкиот напад и грубото однесувањето кон тимот на Аrbresh.info во Косово од лицето кое го придружувало Симиќ. 

За време на минатиот викенд, новинарите Дражен Живковиќ и Гојко Раичевиќ беа приведени затоа што тие објавиле информација за експлозијата во официјалната државна вила Горица во Подгорица. Полицијата подоцна го негираше ова, изјавувајќи дека не дошло до никаква експлозија, туку некаков проблем со каблите. Црногорската полиција и обвинителството тврдат дека Раичевиќ и Живковиќ, кои биле пуштени по сослушувањето, предизвикале паника и нарушување со тој напис. Порталите на кои тие се уредници (In4S и Borba) веднаш го пренесоа демантот на полицијата за контроверзната вест.

„Откако новинарката Ангела Ѓикановиќ беше уапсена пред неколку дена со истите обвиненија, полицијата и обвинителството повторно го сторија истото недопустливо нешто. Ние остро го осудуваме овој став кон новинарите и ги повикуваме полицијата и обвинителството да престанат со оваа практика. Црна Гора не прави доволно кога станува збор за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и ова е само голем чекор наназад“, рече Маријана Цамовиќ, претседател на Синдикатот на медиуми на Црна Гора.

Во исто време, екипата на Arbresh.info од Приштина беше физички нападната за време на известувањето за посетата на Потпретседателот на косовското собрание и Претседател на српската листа, Славко Симиќ, на селото Прилужа во Општина Вуштри.

Според извештаите на Аrbresh.info, Симиќ посетил едно средно училиште, а подоцна и т.н. паралелна општина Прилужа. На тимот на Аrbresh.info им бил забранет влезот на состаноците, додека на медиумите што зборуваат српски јазик им било дозволено да бидат присутни.

Според изјавата на новинарката Елмедина Балажи, таа била нападната од човек кој бил дел од тимотна Симиќ, кој новинарката ја удрил со лактот во градите и ја затворил вратата за неа и за снимателот. По одржувањето на двете средби, Симиќ повторно одбил да биде интервјуиран од новинарката Балажи, додека во писмена изјава до Аrbresh.info негираше дека лицето што ја нападнало новинарката е дел од неговиот тим.

„Нападите мора да престанат. Покрај тоа, државните службеници треба да им помагаат на сите новинари за да можат да известуваат на фер и непристрасен начин“, рече Гентиана Беголи Пустина – претседател на Здружението на новинари на Косово.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите ги поддржува колегите од Синдикатот на медиуми на Црна Гора и Здружението на новинари на Косово во нивните напори да се справат со невидениот притисок врз професијата што доаѓа од државните органи или јавните службеници и им се придружува на нивните барања.

Потсетуваме дека секој напад врз новинарите претставува напад врз јавниот интерес, демократија и човекови права. Платформата ќе ги информира сите европски институции за овие инциденти и ќе побара нивна интервенција во областа на безбедноста на новинарите во регионот на Западен Балкан.

 

Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 14.01.2020 г.

Здружение на новинари во БХ

Синдикат на медиуми на Црна Гора

Здружение на новинари на Хрватска

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на Македонија