Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, остро ги осудува упадите во деловните канцеларии на Здружението на новинари на Косово (АЈК), сместено во зградата за Јавно домување во центарот на Приштина.
Во вторникот (18.02.2020) во раните утрински часови, во канцелариите на АЈК по втор пат беше извршен насилен упад. За разлика од првиот случај на 06.12.2019 година кога беа украдени вредни работи овој пат ништо не недостасува во канцелариите, меѓутоа сторителите ги пребарале документите во канцеларијата.
Косовската полиција веднаш била известена, а форензичарите пристигнале два часа подоцна на местото на настанот за да ги спроведат потребните истражни мерки.
Канцелариите на АЈК беа обиени на двапати во период од помалку од 3 месеци, а истрагата за првиот инцидент сè уште трае.
„Ние сме крајно загрижени за ваквата состојба и остро го осудуваме овој чин. Бараме надлежните органи да спроведат темелна истрага за двата случаи, бидејќи не добивме никакви вести од истражителите за првиот случај иако поминаа повеќе од два месеци“ – рече претседателката на Управниот одбор на АЈК, Гентиана Беголи Пустина.
Регионалната платформа бара сторителите на овие инциденти да бидат изведени пред лицето на правдата. Платформата исто така ќе ги информира сите европски институции за овој инцидент и ќе побара нивна итна интервенција.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 20.02.2020 година
Здружение на новинари во БХ
Синдикат на медиуми на Црна Гора
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Независно здружение на новинари на Србија