Новинарот на ,,Факс њуз”, Ледио Гуни, беше физички нападнат во Тирана на 11 октомври додека известуваше за кавга меѓу наставници и семејствата на децата во еден бар покрај гимназијата Кајупи.
Новинарот беше испратен на терен да известува во живо од настанот, но додека снимаше од автомобилот на неговиот медиумски канал, едно лице физички го нападна со фрлање столче. Тој продолжи да му наштетува на Гуни иако постојано тој повторуваше дека е новинар.
Полицијата и другите лица кои беа присутни не интервенираа додека се случуваше ова.
Директорката за медиуми на ,,Факс њуз”, Нертила Спири посочи дека се особено загрижени поради фактот што полицијата не реагирала за да обезбеди заштита на медиумскиот репортер, а нападот врз Гуни не бил ниту споменат во официјалната полициска изјава за конфликтот во Тирана.
Блерјана Бино, истражувач во мрежата ,,SafeJournalists” во Албанија, вели дека „насилството врз новинарите и медиумските работници не може и не смее да се толерира со оглед на ограничените ефективни превентивни мерки за заштита на новинарите и ограничените истраги“. „Исто така, ни треба јасна порака за поддршка и солидарност што ќе биде испратена до медиумските професионалци“, рече таа.
Мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, изразува солидарност со своите колеги Албанци и го осудува овој брутален напад врз новинарот Леди Гуни. Ги молиме институциите кои го спроведуваат законот соодветно да го испитаат овој случај и да ја известат јавноста за резултатите од истрагата.
Мрежата ,,SafeJournalists” ќе ги извести сите релевантни домашни и меѓународни актери за овој случај.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 13.10.2021 година
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинари од Косово
Здружение на новинари од БиХ
Здружение на новинари од Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора