На 8-ми февруари Приндон Садриу, сопругот на косовската претседателка, кој исто така е висок дипломат во Министерството за надворешни работи, употреби неприфатлив јазик кон новинарите и медиумите во Косово, етикетирајќи ги „здружено злосторничко претпријатие “. Тој напиша: „Кога претставниците на здруженото злосторничко претпријатие, „новинарите“ на подземната политика, луѓето вклучени во поткуп и злоупотреба на милиони, сега даваат лекции. Тоа се луѓето кои клеветат, кои платиле 1.200 американски долари за една ноќ во хотелот Интерконтинентал Менхетен или платиле појадок 50 долари по човек (нивните ручеци и вечери до илјадници долари)“. Исто така, неодамна, јазикот на портпаролите на другите членови на владејачката партија кон новинарите е неприфатлив и директен притисок врз нивната работа.
Во Хрватска на 6 февруари, по написот „Пуљак и Ивошевиќ во акција на диво пошумување и ширење невистини: Градот тврди дека ова е првото дрво засадено по 30 години, а старата Фејсбук страница на Бојан ги демантира“ објавена на „Слободна Далмација“, заменик-градоначалникот на Сплит, Бојан Ивошевиќ телефонски стапил во контакт со Николина Лулиќ, уредничка и новинарка на секцијата во градот на овој портал и грубо вербално ја нападнал. Според нив, Ивошевиќ меѓу другото и рекол: „ Крвта ќе ви ја испијам“.
Драган Секуловски, директор на мрежата „SafeJournalists“ изјави дека политичарите и претставниците на власта мора да толерираат повисок степен на јавна критика и додаде: „Треба да избегнуваат наративи во јавни изјави кои можат да поттикнат нетолеранција кон секого, особено кон новинарите. Кога во нивните изјави се поттикнува насилство или напади врз новинари, тоа всушност може да резултира со повреда на новинарите. Ако тоа се случи, политичарите и другите функционери ќе бидат лично одговорни за таквите злосторства“.
Мрежата SafeJournalists, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се солидаризира со колегите од Косово и Хрватска и го осудува ваквото однесување на високи функционери. Бараме од институциите во Косово и Хрватска да се оградат од тие изјави и наратив. Исто така, бараме од високите функционери да се воздржат од напаѓање и етикетирање новинари и медиуми. Институциите и државните функционери треба да ја поддржат слободата на говорот и да ги заштитат новинарите, а не да ги етикетираат и напаѓаат.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 10.02.2022
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Косово
Здружението на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независното здружение на новинари на Србија
Синдикатот на медиуми на Црна Гора