MFRR и SafeJournalists ја осудуваат усвојувањето на законот за „странски агенти“ во ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина

MFRR и SafeJournalists ја осудуваат усвојувањето на законот за „странски агенти“ во ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина
photo: canva

Партнерите на Иницијативата за брз одговор за медиумски слободи (MFRR) и мрежата SafeJournalists (SJN) најостро го осудуваат усвојувањето на законот во ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина, со кој се воспоставува „специјален регистар“ на невладини организации, од кои многу се независни медиуми.

Овој закон се гледа како одмазда против критичарите на власта и буди сериозна загриженост за неговата потенцијална злоупотреба во етикетирањето на независните медиуми и граѓанските организации како странски агенти. Нашата коалиција подолго време се противи на усвојување на вакво законодавство во Република Српска и сега повикува на итно повлекување на донесениот закон, како и на решително противење од страна на меѓународната заедница.

На 27 февруари, со парламентарно мнозинство, Република Српска го изгласа т.н. „закон за странски агенти“, кој претходно беше најавен од претседателот на ентитетот, Милорад Додик, и беше донесен по итна постапка. Донесениот закон е ист со предлогот од 2023 година, со единствена измена на законските рокови.

По неодамнешната осудителна пресуда од страна на Државниот суд за Додик поради сепаратистички дејствија и непочитување на меѓународниот висок претставник, Република Српска иницираше итно донесување на сет одлуки и закони со цел поткопување на државните институции, како и вршење притисок врз независните медиуми и граѓанското општество.

Законот ги регулира дозволените функции и активности на невладините организации кои добиваат средства од странство, ставајќи ги под посебна регистрација и обврска за периодично известување. Текстот на законот, кој претходно беше достапен како нацрт за делегацијата на MFRR, покажува дека не е предвиден минимален праг на „странско финансирање“. Како резултат, НВО ќе бидат обврзани редовно да известуваат за секој најмал придонес и неговиот донатор, што само по себе претставува тешка административна обврска која го попречува секојдневното функционирање на граѓанските организации. Законот понатаму забранува „политичка работа“ на НВО, вклучително и на истражувачките медиуми, и наложува сите нивни публикации да бидат означени како „странски агенти“.

Истовремено, истиот ден, онлајн медиумот Capital.ba беше мета на полициска рација од страна на локалната полиција, во акција што потсетува на слични рации во соседна Србија. Оваа мерка беше преземена во контекст на суспендираното американско финансирање и зголемениот притисок врз медиумите и граѓанските организации низ регионот.

Законите за странски агенти што беа усвоени во Европа во последните години имаат штетно влијание врз медиумските слободи, наметнувајќи несразмерен административен товар врз независните медиуми преку обиди за контрола и ограничување на нивното финансирање, стигматизирање на нивната работа и, во некои случаи, принудувајќи ги на егзил. Овој закон во Република Српска веќе беше остро осуден од страна на ОБСЕ, Комесарот за човекови права на Советот на Европа, заедничкото мислење на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, како и од тројца независни експерти на ОН.

Партнерите на MFRR и SJN нагласуваат дека усвојувањето на вакви закони за странски агенти, особено преку злоупотреба на итни постапки, ја поткопуваат демократијата во својата основа и претставуваат несразмерни мерки. Таквите закони создаваат простор за произволни дејствија и политички мотивирани прогони врз независните медиуми.

Потписниците на ова соопштение остро ја повикуваат Република Српска да го запре стапувањето во сила на законот за странски агенти и конечно да го укине овој закон.


Потпишано од:

Иницијатива за брз одговор за медиумски слободи (MFRR):

  • Европски центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF)

  • Free Press Unlimited (FPU)

  • Европска федерација на новинари (EFJ)

  • Осерваторио Балкани Кавказо Трансевропа (OBCT)

  • Article 19 Europe

  • Меѓународен институт за печат (IPI)

SafeJournalists мрежа:

  • Здружение на новинарите на БиХ

  • Здружение на новинарите на Косово

  • Здружение на новинарите на Македонија

  • Хрватско новинарско друштво

  • Независно здружение на новинари на Србија

  • Синдикат на медиумите на Црна Гора


Ова соопштение е координирано од Иницијативата за брз одговор за медиумски слободи (MFRR), европски механизам што ги следи, мониторира и реагира на прекршувањата на слободата на медиумите во земјите членки на ЕУ и земјите кандидати.