Три лица во вторникот вечерта во Приштина физички го нападнале новинарот и шеф на „Газета метро“, Ваљон Сила.
Сила беше нападнат по неговото појавување на Телевизија 7, каде што дебатираше на панел за судењето на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово во Хаг.
Нападот е пријавен во косовската полиција, а на Сила му била укажана лекарска помош во Универзитетскиот клинички центар на Косово.
За Здружението на новинари на Косово (АЈК), овој напад врз Сила е тотално неприфатлив и сериозен обид за попречување на слободата на изразување и медиумите на Косово. „Длабоко сме шокирани од бруталниот напад врз Ваљон. Ова е еден од најлошите напади кој има за цел да ги замолчи новинарите и нема место во демократијата што се обидуваме да ја изградиме на Косово. Крајно време е сите релевантни актери на безбедноста и правдата да направат брза, ефикасна работа за да ги повикаат одговорните да одговорат за овој одвратен чин“, рече Џемајл Реџа, претседател на Управниот одбор на АЈК.
Насилниот напад врз новинарот го осуди и Европската федерација на новинари (ЕФН).
Мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци од Западен Балкан, се приклучува кон осудата на овој напад и ги повикува надлежните органи веднаш да ги пронајдат и уапсат одговорните за нападот. Ги повикуваме косовските власти да ги осудат ваквите напади и да покажат дека се грижат за слободата на печатот.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб – Тирана, 12.04.2023
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независното здружение на новинари на Србија
Синдикатот на медиуми на Црна Гора