
Мрежата SafeJournalists изразува загриженост поради притисоците и нападите кои во изминатите неколку дена се насочени кон медиумите и новинарите во Србија.
Денеска во Инџија, додека известуваа за протестен марш организиран од средношколци и студенти, човек физички нападна новинари. Едиторката на порталот IN Media, Верица Маринчиќ, беше нападната кога напаѓачот ѝ го изби мобилниот телефон од рака, а потоа неа и нејзиниот колега Миодраг Блечиќ ги нарече „усташи“. Полицаец кој случајно бил присутен на местото ја спречи понатамошната ескалација на насилството врз тимот на IN Media. Верица Маринчиќ за мрежата SafeJournalists изјави: „Прво ги навреди децата во колоната нарекувајќи ги усташи, потоа мене исто така ме навреди и ме нападна бидејќи снимав. Ми падна телефонот, полицијата реагираше, но тој продолжи да не’ заканува и напаѓа преку полицијата,“ истакна Верица.
Вчера, во текот на денот, вооружена полиција упадна во просториите на неколку невладини организации, вклучувајќи ја и организацијата CRTA (Центар за истражување, транспарентност и одговорност), основач на медиумот Истиномер, без соодветна судска наредба, спротивно на Уставот и законите.
Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека причината за полициската рација во четири граѓански организации биле „сомнежи за злоупотреба на средства, можно перење пари и ненаменско трошење на средствата на американските даночни обврзници во Србија“, при што како извор на сомнежите беа наведени изјави на највисоки официјални лица на САД.
Вишиот јавен обвинител во Белград, Ненад Стефановиќ, изјави дека од Министерството за правда на САД е побарана помош за добивање документација „која може да се користи како доказ во кривична постапка во Србија“ против невладините организации.
Очигледно е дека оваа истрага на Посебното одделение за сузбивање на корупција при Вишото јавно обвинителство во Белград нема вистинска врска со USAID и користењето на донации од страна на граѓанскиот сектор, туку дека владата на Србија ја користи USAID како изговор за вршење притисок и финансиска контрола врз организации кои со години укажуваат и докажуваат злоупотреби поврзани со јавни набавки, кршење на закони и изборни права на граѓаните, и кои редовно се цел на негативни кампањи од страна на власта.
Покрај овој настан, пред два дена новинари беа претресувани и заклучени во зградата на Градското собрание во Нови Сад. Обезбедувањето на седницата не им дозволило на новинарите да внесат приватни чанти доколку имале симболи на протест како крвава рака, па беа темелно претресувани на влезот. Внатре, нивното движење било ограничено. Кога влегле во прес-салата каде што претседателката на Собранието на Нови Сад, Дина Вучиниќ, одржувала конференција, вратата била заклучена и им било соопштено дека не смеат да ја напуштат салата додека трае конференцијата.
Минатата недела беше ограбена и просторијата на Независното друштво на новинари на Војводина (НДНВ) во Нови Сад. Непознати сторители провалиле во нивните простории околу 23:00 часот. Полицијата извршила увид по дојава од обезбедувањето на центарот каде што се наоѓаат просториите, и утврдила дека провалата била извршена преку магацинскиот дел, како што покажуваат најдените траги.
Претседателката на НДНВ, Ана Лалиќ, не ја исклучи можноста дека ова е продолжение на режимскиот прогон врз членовите на ова здружение. „Не сакаме да прејудицираме за мотивите на провалата. Но, имајќи предвид дека со месеци сме мета и дека нашите членови се изложени на брутални кампањи на омраза, не можеме да ја исклучиме можноста дека ова е поврзано со тоа,“ изјави Лалиќ.
Овој упад се случува во атмосфера на постојани вербални напади, говор на омраза и притисоци врз новинарите од ова здружение, од страна на владејачкиот режим чија поддршка секојдневно им се заканува. Новинарот и професор Динко Грухонјиќ и претседателката на НДНВ, Ана Хегедиш Лалиќ, добија закани за убиство, палење и протерување во организирана кампања на социјалната мрежа Фејсбук, за што беа поднесени пријави до надлежното јавно обвинителство.
Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежните институции итно да престанат со насилните кампањи и таргетирањето на новинарите и медиумите, и да обезбедат заштита за секој новинар во Србија. Потенцираме дека заканите кон новинарите во Србија, за жал, ретко завршуваат со санкционирање на сторителите, дека голем број случаи остануваат со непознати сторители, а нападите често се одобрувани или охрабрувани, што праќа порака дека нападите врз независни новинари се дозволени, дури и посакувани. Апелираме до носителите на јавни функции да престанат со таргетирање на новинари и поттикнување омраза, бидејќи стравуваме дека ваквата атмосфера ќе доведе до многу посериозни последици за независното новинарство.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители.
Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 26 февруари 2025 година
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора