SafeJournalists: Остро ги осудуваме физичките напади врз новинарите на ЦИН и политичките закани кон независните медиуми во Република Српска

SafeJournalists: Остро ги осудуваме физичките напади врз новинарите на ЦИН и политичките закани кон независните медиуми во Република Српска
photo: canva

Мрежата SafeJournalists најостро го осудува физичкиот напад врз новинарскиот тим на Центарот за истражувачко новинарство од Сараево, кој се случи во Брчко, како и повеќедневните политички закани и напади од страна на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кон независните медиуми во Република Српска (РС). Организираното насилство, вклучително и физички напади, поттикнување омраза и изложување на новинарите и медиумските куќи на безбедносни ризици, претставува кривично дело во Босна и Херцеговина и е алармантен повик до полицијата и правосудството итно да ги истражат инцидентите и да ги санкционираат сторителите.

Новинарката на Центарот за истражувачко новинарство (ЦИН), Рената Радиќ-Драгиќ, и снимателот Џенат Дрековиќ беа физички нападнати во четвртокот попладне, на 27 февруари, пред трговски центар во Брчко, додека снимаа материјал за истражувачка сторија за политичарот и бизнисмен Зоран Кокановиќ, пратеник во Народното собрание на РС. Тројца напаѓачи излегоа од трговскиот центар и го нападнаа тимот на ЦИН со цел да го спречат снимањето. Со пцовки и туркање, напаѓачите му нанеле лесни телесни повреди на снимателот Дрековиќ, оштетиле опрема и предизвикале стрес кај новинарката Радиќ-Драгиќ, поради што таа била упатена на понатамошно лекување. Истражителите од Полицијата и Обвинителството во Брчко реагираа ефикасно, ги утврдија околностите на инцидентот и најавија поднесување на кривична пријава против едно лице.

Вечерта на истиот ден, во салата на Народното собрание на РС во Бања Лука, советникот на претседателот на РС, Бранислав Окука, вербално ги нападна новинарите на БНТВ, Ал Џезира и РТЛ, влечејќи ги за ракавите и влегувајќи им во лице, притоа оневозможувајќи им да ги извршуваат своите новинарски задачи. Иако советникот Окука им се извини на медиумите преку својот профил на платформата Икс, оваа љубезна реакција не ги намали последиците од неговото скандалозно однесување, особено со оглед на фактот што тој е носител на јавна функција.

Во деновите на насилство врз новинари, не можеме да ги занемариме ниту бруталните вербални закани од страна на претседателот на РС, Милорад Додик, кои се случија за време на митинг во Бања Лука (26 февруари 2025). Претседателот Додик ги обвини уредниците и сопствениците на порталите БУКА и Капитал, како и БН телевизија, дека примаат стотици илјади долари од УСАИД со цел „да ја уништат Република Српска“ и него лично, притоа додавајќи дека „народот треба да им суди за тоа“.

Во врска со зголеменото насилство врз новинари и медиуми, координаторката на мрежата SafeJournalists, Тамара Филиповиќ, изјави:
„Последните напади врз новинарите во Босна и Херцеговина се поттикнати од однесувањето на политичари и носители на највисоки државни функции. Доколку ова продолжи, стравуваме дека ќе дојде до ескалација и дека спиралата на насилство ќе стане неконтролирана. Ги повикуваме властите да преземат сѐ што е потребно за сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, а од политичарите и државните функционери бараме враќање во законските и моралните рамки на соодветно однесување.“

Мрежата SafeJournalists останува посветена на внимателно следење на состојбата во Република Српска и на територијата на целата држава, изразувајќи силна поддршка и солидарност со новинарите во Босна и Херцеговина во нивната борба за зачувување на медиумските слободи и професионалниот интегритет.


Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 1 март 2025

Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора