SafeJournalists: Се зголемува непријателството кон независните новинари и медиумски професионалци во Албанија

SafeJournalists: Се зголемува непријателството кон независните новинари и медиумски професионалци во Албанија
photo: canva

Мрежата SafeJournalists изразува загриженост поради сè поголемото непријателство кон независните новинари и медиумски професионалци во Албанија, вклучувајќи вербални напади и антимедиумска реторика од високи државни функционери, кампањи на дискредитација и мизогини напади на интернет насочени кон жени новинарки.

На 11 февруари 2025 година, премиерот на Албанија, Еди Рама, ја нарече редакцијата на BIRN Албанија „фрѐнџи“ — тесен процеп на ѕидовите од тврдина за пукање со оружје — прикажувајќи го медиумот не како независен новинарски субјект, туку како селективен и насочен агресор. Овој напад, проследен со дополнителна антимедиумска реторика на 12 февруари, имаше за цел да ја дискредитира истражувачката новинарска работа и да ја поткопа улогата на медиумите како столб на демократската одговорност, нарекувајќи ги „мочуриште“, „средновековни пазарни судови“ или „безначаен шум“.

Слично, градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, откако беше уапсен под обвинение за корупција, упати деградирачки и запаливи напади кон новинарите кои го следат случајот, нарекувајќи ги „кучиња“ и омаловажувајќи ги медиумите како „канализации“.

На 17 февруари 2025 година, новинарката Глидона Даци стана мета на мизогина и клеветничка кампања на дискредитација. Таа беше нападната преку анонимни објави на социјалните мрежи, полни со сексистички инсинуации и фабрикувани обвинувања, со цел да се дискредитира нејзиниот професионален и личен интегритет.

Мрежата SafeJournalists исто така забележува дека во политички поларизиран медиумски пејзаж, новинарите кои известуваат за корупција и правда сè почесто се соочуваат со вербални напади, заплашувања и онлајн вознемирување. Независни редакции како Faktoje се цел на кампањи за дискредитација кои ги претставуваат како алатки на странско влијание. Овие напади доаѓаат од различни медиуми, јавни личности и онлајн платформи.

Овие постојани напади претставуваат директна закана за медиумските слободи и демократската одговорност во Албанија. Насочувањето кон новинарите преку запаливи изјави, онлајн вознемирување или институционален притисок ги поткопува основните демократски вредности, ја нарушува довербата на јавноста во новинарството и создава атмосфера на страв и автоцензура.

Ги повикуваме властите да престанат со водење вакви кампањи и напади врз новинарите, да ги осудат тие што го прават тоа и да им дозволат на новинарите слободно да ја вршат својата работа. Исто така, ги повикуваме политичките лидери и јавните функционери да ја почитуваат улогата на независното новинарство како клучна контрола на власта и да комуницираат со медиумите на начин што ги почитува демократските принципи.

Мрежата SafeJournalists останува посветена на внимателно следење и документирање на заканите врз медиумските слободи и ќе продолжи да известува за овие алармантни случувања. Даваме силна поддршка и солидарност со независните новинари во Албанија и во целиот регион кои ја продолжуваат својата важна работа и покрај зголеменото непријателство и ризик.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители.

Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.


Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 21 февруари 2025 година

Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора