Мрежата „SafeJournalists“ испраќа најсилна поддршка за Белоруските новинари и се приклучува на повиците на Европската федерација на новинари за акција против оние што се одговорни за репресијата врз новинарите.
Според мониторингот на Белоруската асоцијација на новинари (БАЈ) од почетокот на годинава, во Белорусија имало 193 сериозни нарушувања на правата на новинарите, вклучувајќи притвори, апсења, казни и тепање. Поголемиот дел од инцидентите се случија по денот на изборите, односно на 9 август.
– Сите напади врз нашите колеги во Белорусија мора веднаш да престанат, рече Жељко Бодрозиќ, претседател на Независното здружение на новинари на Србија. Говорејќи во име на организациите на новинарите од Западен Балкан, Бодрозиќ додаде – За жал, ја препознаваме атмосферата што доведе до тоа физички да бидат нападнати новинарите, да им бидат одземени нивните новинарски картички, уништена нивната опрема, дури и да се пука врз нив со гумени куршуми. Ова е апсолутно неприфатливо. Властите во Белорусија мора да прекинат со одмазда против новинарите и да дозволат слободен проток на информации.
Мрежата „SafeJournalists“, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, изразува солидарност со белоруските новинари и БАЈ. Особено сме загрижени за брзото влошување на ситуацијата. Неколку месеци пред изборите голем број новинари претрпеа малтретирања од страна на државата, беа апсени и притворани. Од денот на изборите, 80 наши колеги се приведени, некои брутално претепани, повеќето меѓународни известувачи се протерани, додека Интернет-врските се прекинати. Ги повикуваме сите релевантни меѓународни институции да дејствуваат и да бараат прекин на кршењето на професионалните и човековите права на новинарите. На новинарите мора да им биде дозволено и овозможено да ја известуваат белоруската јавност за развојот на настаните.
Потсетуваме дека секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократија и правата на сите граѓани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 19.08.2020 година
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинари во БХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора